Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветГерманија му порача на Ердоган: Ја премина границата

Германија му порача на Ердоган: Ја премина границата

После долгото игнорирање, официјален Берлин конечно се огласи и одговори на провокациите на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Официјален Берлин, преку министерот за надворешни работи, порача дека турскиот претседател ја преминал границата кога ја обвинил германската канцеларка Ангела Меркел дека применува „нацистички методи“.

„Ние сме толерантни, но не сме глупави. Затоа, на турскиот колега многу јасно му дадов до знаење дека со таквото однесува, границата е веќе премината“, изјави шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел за германските медиуми.

Министерот за одбрана на Германија ги нарече „шокантни“ коментарите на Ердоган кој што ги упати кон германската држава и канцеларката на земјата, Ангела Меркел.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган во неколку наврати ги обвини западните земји, пред се Холандија и Германија за нацизам, а во неговото последно интервју ја обвини германската канцеларка Ангела Меркел дека користи „нацистички методи“ и предизвика лавина на реакции во Германија.

„Сега ги користите нацистичките методи… против кого? Против моите турски браќа во Германија и против браќата министри“, изјави Реџеп Таип Ердоган во неговото обраќање кое што го пренесуваше турската национална телевизија, пренесува британската новинска агенција „Ројтерс“.

Односите помеѓу Германија и Турција драстично се влошија откако германските власти забранија одржување на политички собири на турските министри во својата земја, во пресрет на предстојниот референдум во Турција за уставни промени со кои што ќе се зголемат ингеренциите на турскиот претседател.