Monday, May 13, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаФСП: Време е Груевски да замине од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ

ФСП: Време е Груевски да замине од челната позиција на ВМРО-ДПМНЕ

Смената на Извршниот комитет која е направена без дебата внатре во самата партија е уште еден доказ дека на ВМРО-ДПМНЕ неопходно ѝ е промена на Статутот и демократизирање на партијата, велат од Здружението за унапредување на демократијата „Форум на слободоумни патриоти“. Од таму велат дека е време Никола Груевски да си замине од лидерската позиција на партијата.

„Сакаме да му укажеме на Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ не е негова своина. Редно време е Груевски да прекине своите другарчиња да ги става во Извршниот комитет на партијата и тоа да го прикажува како некакво си освежување“, велат од здружението чиј претседател е Владимир Змејковски.

Од таму му порачуваат на Груевски дека нема, како што велат, да поминат неговите лаги и манипулации.

„Овој пат вашето т.н. освежување ќе доживее тотално фијаско. На чесните и искрени вмровци преку глава им е од вашето нахално однесување и ставањето на луѓе со сомнителни биографии и сомнително минато на одговорни позиции во партиските тела и органи. ВМРО секогаш било водено од истакнати интелектулаци, од кога сте вие на чело на партијата таму преовладуваат медиокритети и полтрони“, велат од „Форумот на слободоумни патриоти“.

Од таму сметаат дека е време Груевски да си замине од челната позиција и да овозможи Конгрес на кој покрај усвојувањето на нова партиска доктрина треба да се случат и промени на Статутот на партијата.

Сподели