Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕвропската интеграција на земјата е откочена, сметаат Османи и Рот

Европската интеграција на земјата е откочена, сметаат Османи и Рот

Реформскиот процес и евроатланскиот пат на Македонија денеска биле теми на разговор на средбата на вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи со државниот секретар за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Германија, Михаел Рот.

Двајцата соговорници, соопштија од кабинетот на вицепремиерот, се оптимисти дека процесот на европска интеграција на земјата е откочен и оти ќе се надомести изгубеното време, за да продолжи земјата непречено да ги спроведува реформите за интеграција во ЕУ.

Османи на средбата во Секретаријатот за европски прашања, истакнал дека Германија е силен поддржувач на политиката за проширување на ЕУ и зачленувањето на земјите од Западен Балкан, што го покажала со иницирањето на Берлинскиот процес, посветен на поврзаност, добрососедски односи, регионална соработка и европска интеграција.

– Тоа се потврди на последователните самити во Виена и Париз, и ќе продолжи со самитот во Трст оваа недела – изјави Османи.

Тој изразил очекување дека на самитот во Трст ќе се зајакне перспективата на Западен Балкан преку поддршката на агендата за поврзување и поддршката на инфраструктурните и проектите за енергетика, во чии рамки очекува и одобрување на нашиот инфраструктурен проект за Коридорот 8.

На средбата, Османи го запознал државниот секретар Рот и со Планот 3-6-9 во кој се содржани Итните реформски приоритети на Владата кои ќе бидат спроведени во претстојниот период. Тој посочил дека спроведувањето на реформите и регионалната соработка за интеграција во ЕУ се двете паралелни траектории по кои се движи работата на новата Влада и дека враќањето на патот кон ЕУ е неопходно, бидејќи евроатлантските интеграции на земјата остануваат стратешки приоритет на Владата.

Германскиот дипломат денеска се сретна и со шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, а вчера разговараше со премиерот Зоран Заев. На средбите е изразена силна поддршка од Германија за чекорите на новата Влада на Македонија, и е оценето дека се направени видливи позитивни придвижувања што најавуваат резултати во евроинтеграциските процеси, се наведува во соопштението.