Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЕксклузивно интервју со Никола Дионисијев: Левица претендира да биде еден од главните играчи на сцената

Ексклузивно интервју со Никола Дионисијев: Левица претендира да биде еден од главните играчи на сцената

 

Никола Дионисијев е роден 1988, во Скопје. Тој е дипломиран криминолог на Полициската Академија во Анкара на Факултетот за безбедносни науки, како и дипломиран политолог на Универзитетот „Јилдирим Бејазит“ исто така во Анкара, главниот град на Турција.Со него разговаравме за актуелните домашни политички теми, очекувањата од новоформираната влада, но и состојбите во опозицијата, како и факторот-изненадување Левица,  но и за предизвиците кои ги очекуваат Соединетите Американски Држави во пресрет на претстојните претседателски избори таму. Дионисијев е дел и од аналитичкиот тинк-тенк „Конзерватив.мк“.

 

Разговараше: Благојче Атанасоски

 

 

Позитив.мк:Официјално, се изгласа и Владата, предводена од старо-новите коалициски партнери СДСМ+ДУИ+ДПА. Кои се Вашите очекувања, дали се реални и остварливи програмските заложби од експозето на старо-новиот премиер Заев?

Дионисијев:Со оглед на тоа дека се работи за старо-нова влада со исти кадри, немам никакви очекувања. Тоа го потврдува и европскиот гигант и лидер за надворешна политика Нова Европа, каде новата влада се споредува со „лимбо” ситуација. Таму се вели: „Гледајќи ја новата влада, не треба да разбирате многу политика за да ви е јасно дека државата нема некоја иднина“. Не треба да се очекува премногу од кадрите кои изминатите четири години не исполнија ниту 10% од тоа што го ветија. Засега единствено нешто кое е за поздрав е десничарскиот и конзервативен пристап на левичарската влада за намалување на министерствата во Републка Македонија и потенцијалното намалување на администрацијата. Линк до НОВА ЕВРОПА текст: https://www.neweurope.eu/article/north-macedonia-in-limbo/

Позитив.мк:Според вас, кои се клучните работи кои треба да ги оствари владата за да направи квалитативен и „квантен“ скок на секое поле на опшествено живеење во Македонија?

Дионисијев:Всушност, Македонија на скоро секое поле заостанува. Нашите соседи се далеку пред нас, западниот свет уште подалеку. Според мене, најитно треба да се преземат мерки околу намалување на даноците кон државата и пакет мерки, со цел привлекување на нови странски и домашни инвестиции, зацврстување и уживање на комфортот на постоечкиот приватен сектор. Во вакви тешки времиња на пандемија, на приватниот сектор мора да му се овозможат мерки со цел да дише или пак да опстои. Дури некаде, да се намалат регулации, даноци и слично, со цел да може да дојде и до нови работни места. Како второ, инвестиција во најзначајно поле кое скоро и да пресуши, образованието. Потребни се итни и радикални реформи во овој ресор. Потребна е комуникација со сите инволвирани, ученици, студенти, професори, експрети, учители, негователи итн, со цел изнаоѓање на нови политики. Потребно е Македонија да се врати на портите на Шангај и да стане една од најактрактивните земји за студенти од регионов.

 

Позитив.мк:Од друга страна, лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, обвинува за изборен инжинеринг, сметајќи се себе си за победник. По иницијативата за нов вонреден конрес од поранешни и актуелни функционери во ВМРО-ДПМНЕ, тој одбива да си даде оставка. Кои се вашите предвидувања за есенски расплет во најголемата опозициска партија?

Дионисијев:Очекував лидерот на опозицијата во есенскиот период да стисне заби и да потегне една голема кадровска реформа. Но, за жал, под спектакуларните наслови по медиумите овие 2-3 дена дека во ВМРО се случил кадровски бум, можевме само да ги прочитаме имињата на буквално истите кадри кои беа функционери на партијата последните 3 години. Како и да е, политички гледано, во овие моменти на партијата не и требаат внатрепартиски надворешни движења. Зашто го велам ова внатрепартиски надворешни? Затоа што истите наместо институционално да се борат преку партиските органи, тие бараат внатрепартиски реформи надвор од партијата.

Во овој период, потребен е мир и кохезивност во партијата, но и сериозно изграден став на неколку клучни прашања, со што би им се дал ветер во грб на функционерите да ја донесат партијата до нова победа на локалните избори. Во спротивно, доколку истата претрпи пораз на престојните локални избри, очекувам тектонски промени во врвот на партијата.

Позитив.мк:Најголемото изненадување на изборите е Левица и нејзиниот фронтмент Димитар Апасиев со освоени околу 38.000 гласови и 2 пратеници. Тој најавува уште пожесток настап, за да на наредните избори освои „двоцифрен број“ на пратеници. Кои се вашите ставови по однос на овој нов феномен на нашата политичка сцена?!

Дионисијев: Дефинитивно пријатно освежување за и онака полузаспаниот законодавен дом. Се покажа дека младите генерации не ги импресионира контактот со европратеници, блискоста со странските амбасади и слично. Се покажа дека младите бараат политичар кој е со цврст став и буквално до последен здив се бори да го одбрани истиот. Верувам во уште пожестока битка на наредните избори од страна на Левица. Оваа партија претендира да биде еден од главните играчи на македонската политичка сцена во иднина.

Позитив.мк:Нешто надвор од нашата домашна „досадна политичка сцена“. Претстојат избори во најмоќната држава во светот –САД. Дали мислите дека Трамп ќе освои уште еден мандат, а ако загуби кои ќе бидат причините поради тоа? Дали катастрофалното справување со Ковид-19 во САД од страна на администрацијата е главниот проблем кој би му „пресудил“, или има и други причини?

Дионисијев:Пред да стигнеме до КОВИД-19 и последиците, треба да го погледнете следниот инфографик. Лесно може да се забележи дека граѓаните имаат многу поголема доверба за најбитните прашања и се задоволни од политиките на Трамп, многу повеќе него ли на Обама. Да не заборавиме дека Џо Бајден беше втор човек во тимот на Обама, а американските граѓани тоа добро го паметат.

 

– Покрај тоа, во изминативе неколку недели се одржаа највисоките тела односно конгреси на Републиканската (RNC) и Демократската (DNC) партија на САД. Доколку ја забележиме гледаноста на истите, лесно е да разбереме дека граѓаните имаат поголем интерес во понудата на Трамп, наместо на Џо Бајден.

– Очекувам жестока битка, но и уште еден мандат на претседателот Трамп. Единствен проблем според моите видувања, на страна од Ковидот, се оркестрираните протести за наводни човекови права. Неолибералите, веќе за нас на многу познат начин, ја почнаа битката против Трамп која мислам дека ќе ја изгубат на денот на изборите. А токму овие масовни протести беа една од главните причини за енормното ширење на вирусот во САД, кои за жал и за воља на вистината не најдоа вистински пат да се справат од вирусот кој пркоси низ целиот свет.