Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДва месеци ќе трае подготовката на измените на Законот за судовите

Два месеци ќе трае подготовката на измените на Законот за судовите

Основите за разрешување судија и редефинирањето на условите за избор на судија ќе бидат дел од новиот закон за судовите, чија подготовка Министерството за правда ја почнало вчера.

Измените и дополнувањата на законот треба да бидат готови до 30 декември.

„Со предлог-законот за изменување и за дополнување на законот за судовите се врши негово усогласување со препораките дадени во мислењето на Венецијанската комисија, кое, главно, се однесува на основите за разрешување судија, основите за утврдување одговорност на судија и за изрекување дисциплинска мерка, редефинирање на условите за избор на судија, зајакнување на надзорната функција на Министерството за правда во поглед на примената на одредбите од Судскиот деловник“, стои во известувањето.

Основна цел на законот, како што се наведува, е зајакнување на независноста и на интегритетот на судиите и на нивната специјализација по области, утврдување на јасни критериуми за одговорност во вршењето на судиската функција, како и внесување на квалитативни критериуми при подготвувањето на оценката за работа.

Според Уставот, за измени и за дополнувања на Законот за судовите е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.