Thursday, May 2, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДимитров им соопштил на Жбогар и на Бејли дека реформите се приоритет на новата влада

Димитров им соопштил на Жбогар и на Бејли дека реформите се приоритет на новата влада

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, денеска ја имал првата средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, соопшти МНР.

На средбата Димитров ја нагласил подготвеноста на Владата за целосен ангажман во имплементација на клучните реформи за да може на краток рок да се отвори патот за обновување на препораката за почеток на пристапните преговори.

„Во таа насока, беа разгледани претстојните поважни активности од европската агенда. Придвижувањето на евроинтеграциските процеси ќе овозможи отворање на дискусија за донесување одлука за почеток на пристапните преговори, како чекор кон остварување на стратешката цел на Македонија – членство во Европската Унија. Беше искажана заедничка подготвеност за динамична соработка во насока на остварување на овие цели“, стои во соопштението од МНР за средбата.

Димитров попладневно имал средба и со американскиот амбасадор Џес Бејли, на која разговарано за начините за натамошно унапредување на билатералните односи помеѓу Република Македонија и САД, соопштија од Министерството за надворешни работи.

Димитров нагласил дека новата Влада е бескомпромисно ориентирана кон реализирање на неопходните реформски процеси во општеството и создавање на предуслови за одговорно владеење и независни институции кои, пред сè, би работеле во функција на потребите на сите граѓани на нашата држава.

„Димитров подвлече дека јакнењето на институциите, владеење на правото, промоција на култура на дијалог и компромис ќе бидат најдобри аргументи за забрзана евроатлантска интеграција на земјата. Во тој контекст, посебно беа акцентирани силната посветеност и заложбите на новата Влада за што поскоро остварување на полноправно членство на Република Македонија во НАТО, односно за забрзување на процесот на евроатлантската интеграција на нашата држава“, стои во соопштението и се додава дека министерот укажал дека брзото зачленување на Македонија во Алијансата ќе има и исклучително значење и за безбедноста и просперитетот на регионот во целина.