Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаДанкан до Димитров: Сакаме да ја видиме Македонија просперитетна и успешна

Данкан до Димитров: Сакаме да ја видиме Македонија просперитетна и успешна

Сакаме да ја видиме Македонија просперитетна и успешна, му порача британскиот министер за Европа, Алан Данкан, на шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, по потпишувањето на заедничката изјава за партнерство и за соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

„Нашите две земји се посветени да работат билатерално и мултилатерално за да се исполни оваа визија и да се справиме со предизвиците со кои заеднички се соочуваме“, стои во заедничката изјава за партнерство и за соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.

Димитров изразил задоволство што Велика Британија е подготвена да даде конкретна поддршка на реформските процеси на Македонија.

– Ова партнерство е еднакво корисно за двете земји – за Македонија е инспирација што зад неа стои една од најстарите демократии, а за Велика Британија потврда за нивниот несебичен ангажман за зацврстување на демократијата – рече Димитров.

На средбата, како што соопштуваат од македонското МНР, била потврдена британската поддршка за евроатлантските интеграции на Македонија и било истакнато дека Обединетото Кралство останува силно присутно во регионот на Западен Балкан и поддржувач на членството на земјите од регионот во ЕУ.