Wednesday, May 8, 2024
HomeДЕНЕШНАЦрна хроникаЧетири возила се судрија на патот Охрид-Ресен, неколку повредени

Четири возила се судрија на патот Охрид-Ресен, неколку повредени

Утровот се случи голема сообраќајна несреќа на патот Охрид-Ресен во која се судрени четири автомобили, а повредени се повеќе патници. Според полицискиот извештај во несреќата учествувале „Голф“ со битолски таблички управуван од Х.С. (20) од Битола, „Цитроен“ кој го управувал И.П. (33) од Битола, „Сеад Кордоба“ во скопски ознаки управуван од скопјанецот С.Б. (44) и „Фолксваген Пасат“ со битолски таблички управуван од 30 годишниот С.Т. од Горно Оризаре, битолско.

soobrakajka resen2

– Незгодата е случена во момент кога возачот на „Голфот“, движејќи се од правец на Охрид кон Ресен, во близина на депонијата започнал да престигнува колона на возила а од спротивен правец се појавило возилото „Цитроен“. Сакајќи да избегне директен судир, возачот на автомобилот „Голф“ се вратил на десната сообраќајна лента, но изгубил контрола над возилото и излетал надвор од коловозот на десната страна.

Во истиот миг, второто возило марка „Цитроен“ кое се движело од правец на Ресен кон Охрид преминало на левата сообраќајна лента и со предниот лев дел се судрило со предниот лев дел од третото возило марка „Сеат Кордоба“ кое се движело од Охрид према Ресен при што од силата на ударот излетало надвор од коловозот на десната страна. Четвртото возило марка „Пасат“ кое се движело во колона од правец на Охрид кон Ресен со цел да избегне судир изгубило контрола и исто така излетало надвор од коловозот на десната страна, информираат од СВР Охрид.

Полесно повредени се две женски лица, М.Б. (15) и Л.Б. (44) од Скопје и 19 годишниот битолчанец А.Р. на кои им е укажана лекарска помош во охридската болница каде се задржани на понатамошно лекување.