Sunday, Apr 28, 2024
HomeДЕНЕШНАСветБлер ја прифати одговорноста за војната во Ирак, но верува дека отстранувањето на Садам Хусеин било нужно

Блер ја прифати одговорноста за војната во Ирак, но верува дека отстранувањето на Садам Хусеин било нужно

Поранешниот британски премиер, Тони Блер без никаква ограда ја прифаќа одговорноста за сите грешки сторени во текот на инвазијата врз Ирак во 2003 година, но и натаму е убеден дека било потребно да се отстрани Садам Хусеин од власта.

Обраќањето на поранешниот британски премиер, Тони Блер дојде по објавувањето на извештајот на комисијата предводена од сер Џон Чилкот која по седумгодишна работа утврдила дека инвазијата на Велика Британија врз Ирак не била неопходна и погрешна и во војна се тргнало пред да бидат исцрпени сите мирољубиви решенија и со неточни разузнавачки податоци за наводно постоење оружје за масовно уништување.

Одлуката Велика Британија да ѝ се приклучи на инвазијата предводена од САД не била ниту одблизу правно заснована, а заложбите на тогашниот премиер Тони Блер за воена акција биле пренагласени, изјави претседателот на истражната комисија Чилкот.

„Без разлика дали луѓето се согласуваат со мојата одлука или не, ја донесов во добра верба и во уверување дека го правам она што е најдобро за мојата земја“, изјави Влер во кусото соопштение по објавувањето на извештајот. Комисијата не нашла никаков лажиран доказ, измама на членови на владата или тајно верување на американскиот претседател да се оди во војна, истакна Блер.

„Со овој извештај засекогаш би требало да бидат отстранети обвинувањата дека станува збор за лоша намера, лаги и измами. За сите грешки ја преземам целосната одговорност без никаква ограда“, заклучи Блер најавувајќи дека ќе следи негов детален одговор на наодите на комисијата.

„И натаму верувам дека беше подобро да се отстрани Садам Хусеин и дека тоа не е причината за тероризмот кој денес го гледаме насекаде низ светот. Над сé им одавам признание на нашите вооружени сили и изразувам длабоко жалење за губењето животи и болката која со тоа им е предизвикана на семејствата“, изјави поранешниот британски премиер.

Тони Блер беше своевремено еден од најпопуларните британски премиери во историјата, сé додека неговото реноме бесповратно не се урниса со одлуката својата земја да ја втурне во војната во Ирак.

Денеска, по објавениот извештај кој во најмала рака ги доведува во прашање неговите одлуки за почнување на војната и безусловната поддршка за тогашниот американски претседател Џорџ Буш, неговиот углед падна уште пониско. Ниту 13 години по интервенцијата во Ирак, таа не му е простена и во јавноста повторно Тони Блер го нарекуваат лажго и воен злосторник.

Тони Блер беше станар на Даунинг стрит 10, резиденцијата на британскиот премиер, цели десет години, во периодот од 1997 до 2007 година, откако трипати победи на изборите во атмосфера и економски напредок.

Харизматичен и сјаен говорник и шармер, Ентони Чарлс Линтон Блер роден во мај 1953 во Единбург во семејство на виша класа. Парламентарен пратеник првпат станува во триесеттата, а на чело на лабуристите доаѓа во 1994 година, партија којашто ја трансформираше од дното до врвот и ја врани на власт по 18 години опозиција. Првенец на ткн „трет пат“, премиер станува во 43-та година, како најмлад претседател на влада во Британија во речиси 200 години.

Повеќе прагматичен отколку идеолог, Блер со одличен политички инстинкт ја перципираше глобализацијата како можност и успеа да го поврзе економскиот либерализам со подобри јавни услуги. Во времето на неговите мандати Шкотска и Велс веќе добија поголема автономија, склучен е мирот во Северна Ирска, легализирани се истполовите бракови и усвоени се построги мерки за борбата против тероризмот.

Нападите од 11-ти септември 2001 година врз САД за Блер претставувале пресвртница во надворешната политика. Некритични се согласил со сите ставови на американскиот сојузник Џорџ В. Буш, до таа мера што го нарекуваа негова пудличка. Ги испрати британските војници во инвазиите врз Авганистан и врз Ирак.

Милиони луѓе протестираа на улиците на Лондон и другите британски градови и го обвинуваа дека лажел за постоењето на ирачкото оружје за масовно уништување. Блер подоцна се извини за погрешните информации коишто наводно му ги дале разузнавачките служби и за загубата на животите на 179 британски војници во војната во Ирак.

Успеа да ги добие изборите во 2005 година, но тоа беше со кус здив. Во јули истата година Лондон беше нападнат од терористите кои убија 52 лица. Две години подоцна и две години пред истекувањето на мандатот, Блер под притисок му ја препушта фотелјата на Гордон Браун, кусо пред избувнувањето на глобалната економска криза.

Од тогаш Тони Блер се преобрати во катоцилизам, татко на четири деца, стои подалеку од британската политика и главно времето го минува во странство наплатувајќи за совети на странски челници.