Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРегионАрапски прирачник за бегалци: Бугарија прва на листата земји кои треба да се избегнуваат

Арапски прирачник за бегалци: Бугарија прва на листата земји кои треба да се избегнуваат

Бегалците од Блискиот Исток имаат навистина добра причина да не поминат низ Бугарија. Во еден арапски „Прирачник за бегалци“ објавен на Интернет, Бугарија е на прво место на листата на држави кои бегалците треба да ја избегнуваат. Исламофобијата и расизмот во Бугарија имаат дога традиција, наведува „Дојче веле“.

„Нѐ нападнаа тројца Бугари. Јас успеав да избегам, но мојот пријател не. Бугарите го фрлија на земја, четворица го држеа за раце и нозе, а петтиот скокаше врз него како на трамболина. Престанаа дури откако пријде едно возило и ги запали светлата. Пријателот имаше безброј скршеници на коските. Еден Ирачанец, бегалец, го фрлија од мост висок преку два метра, откако претходно го избодеа со ножеви. Сега не може нормално да се движи“- наведува еден ирачки бегалец, цитиран од оргaнизацијата „Проазил“.

Преку 10.000 бегалци дојдоа во Бугарија од арапските земји, со првиот бран бегалци од 2013 година.
migНа Бугарите им оди на нерви тоа што најголемиот дел од бегалците се муслимани. Затоа што бугарскиот национален идентитет наголемо се црпи од приказната за „500 години турски јарем“ и владеењето на Османлиското царство. Тоа го покажуваат и многуте пораки кои во рамки на една анкета на „Дојче веле“ на „Фејсбук“ стигнаа од Бугарија „Не ве сакаме тука, муслиманите 500 години нѐ колеа како пилиња“, „Одете си оттука, имаме доволно проблеми и со нашите Цигани кои себе се нарекуваат Роми или Турци“, се само дел од нив. Таа порака очигледно допрела до бегалците и затоа ја избегнуваат Бугарија. Експертот за арапскиот свет, Владимир Чуков, зборува за три различни извори на информации за Бугарија со кои се користат арапските бегалци.

Првите се записите на социјалните мрежи. Другите се проценките на шверцерите кои брзо се шират меѓу бегалците. Третиот извор е таканаречениот „Прирачник за бегалци“, кој и Чуков го прочитал на Интернет. Бегалците ја бираат својата рута или дестинација и по принципот „пренеси натаму“, усна пропаганда која е важен извор на информации за новата средина. „Прирачникот“ е објавен на еден сириски интернет- портал близок до претседателот Асад – додава Чуков.

– Таму, меѓу земјите кои барателите на азил треба да ги избегнуваат, Бугарија е на прво место. Се вели дека бугарскиот народ е расистички настроен и дека таму кон бегалците сместени во логори се постапува нечовечки. Тоа се тврдења кои може да ги потврдат и многу бегалци – додава тој.