Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАхмети: „Платформата“ нема целосно да влезе во владината програма

Ахмети: „Платформата“ нема целосно да влезе во владината програма

Декларацијата на трите албански партии од Македонија нема целосно да биде вклучена во програмата на новата влада од повеќе причини, кои се многу реални и искрени. Во програмата ќе влезат само најважните аспекти за големите реформски приоритети. За Македонија сега најважно е да просперира во ЕУ и НАТО со што поскоро членство, да остане стабилна и позитивно да влијае на регионот, изјави синоќа Али Ахмети, лидерот на ДУИ.

Тој додаде дека сите аспекти од декларацијата ќе бидат отворени за дебата и нема да се држат во тајност бидејќи не претставуваат никаква закана за Македонија.

Ахмети рече дека ДУИ во новиот мандат ќе го отстапи Министерството за здравство на другите партии од коалицијата.

– За доделување на останатите ресорите главно сме договорени. Во принцип ДУИ да ги има тие ресори што досега ги имала. Објавувањето имиња како потенцијални министри од ДУИ се шпекулации. Уште нема конкретно име за министертвата, уште сме во консултации за да направиме што поприфатлив избор. Во моментот кога ќе имаме конретни имиња ќе бидеме транспарентни. Верувам дека изборот што ќе го направи ДУИ а и партиите од коалицијата ќе биде најприфатлив избор за нивниот електорат, бидејќи тие ќе бидат министри кои ќе работат за сите граѓани на Македонија и ќе реализираат една програма на ниво на републиката и нема да бидат локални претставници – рече Ахмети.

Од ДУИ потврдија дека консулатации на партиско и меѓупартиско ниво и понатаму ќе продолжат, со цел што поскоро да се одржи седница на Собранието за да се оформи новата Влада.