Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаАхмети ги покани албанските политички лидери на средба – Беса повторно го одби

Ахмети ги покани албанските политички лидери на средба – Беса повторно го одби

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети, ги покани лидерите на албанските парламентарни партии денеска да присуствуваат на заедничка работна средба во 14 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје, „за да ја разгледаат имплементацијата на програмските определби“, пишува „Дојче веле“.

Ваквата средба тој ја навести уште пред неколку дена, најавувајќи дека таа ќе се реализира по прославата на верскиот празник Рамазан Бајрам. Средба со албанските парламентарни партии завчера имаше и еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан. Како што изјавија од дел од партиите, на средбата се разговарало за потребата од реформи, за интеграциските предизвици и за поддршката што се очекува од сите партиски субјекти за реализација на тие цели.

Во соопштението од ДУИ за денешната средба нема детали за кои „програмски определби“ ќе се разговара, но веќе е извесно дека Движењето „Беса“ кое во парламентот има пет пратеници, нема да присуствува на разговорите. Од таму не ги кријат причините за ваквата одлука.

„За програмски определби не се разговара по хотели“, вели портпаролот на движењето, Фатон Фазлиу.
„’Беса’ нема да биде дел од овој состанок, бидејќи во него препознаваме сценарио и обид на ДУИ преку вакви ‘активности’ да ги покрие своите досегашни грешки. Нема потреба да се среќаваме во хотели. Зошто таа средба да не се реализира во Собранието, кое е вистинското место за дијалог меѓу партиите?“, прашуваат од „Беса“.

Од Движењето вчера испратиле писмена порака до ДУИ со ваков предлог, но до синоќа не добиле одговор.
„Ние предлагаме таа средба да се одржи во парламентот, со две конкретни точки за разговор. Првата е да добиеме писмен извештај од ДУИ и Алијансата на Албанците: што од Декларацијата на албанските партии е влезено во владината програма и со која динамика тоа ќе се реализира? Втората е да се развие план за предлог-закон за употреба на албанскиот јазик и за таа цел да се формира работна група што ќе биде составена од претставници на сите политички партии“, објаснува Фазлиу.

На 7- ми јануари годинава, албанските партии (со исклучок на ДПА) потпишаа заедничка Декларација/изјава, во која се согласуваат „за заемна поддршка на заедничката политичка агенда која предвидува реализација на повеќе цели, во идниот владин мандат и/или во секој понатамошен мандат“. Една од тие цели беше и постигнување на целосна јазична еднаквост, употреба на албанскиот јазик во сите нивоа на власта и гаранција за неговата примена, како фундаментално и уставно право.

По формирањето на новата Влада стана сѐ погласно прашањето – дали оваа тема е меѓу владините приоритети? Запрашан за предлог-законот за албанскиот јазик, лидерот на ДУИ во тв-настап пред неколку дена одговори: „Декларацијата на полититичките партии на Албанците не е дел од историјата. Прашањето за јазикот е дел од договорот за коалицијата. Само прашање на време е кога тој ќе биде во собраниска процедура за гласање“.
Ахмети не спомна конкретни рокови запрашан дали тоа ќе се случи пред локалните избори. Но, од „Беса“ сметаат дека треба да има јасен одговор на ова прашање.

„Од ДУИ велеа дека законот за албанскиот јазик ќе се усвои пред да се формира Владата. Тоа не се случи. Потоа изјавуваа дека имаат предлог-закон и дека тој е меѓу владините приоритети, но ние не сме го виделе и не знаеме што содржи. Тој треба да биде донесен во консултација со сите партии, за еднаш засекогаш тоа прашање да се реши и понатаму да не предизвикува никакви проблеми. Ние имаме наш предлог, но треба заеднички да разговараме за предлозите, да видиме дали има одредени слабости и да ги отстраниме. Ако за кратко време не ни биде презентиран тој предлог-закон, ние ќе излеземе со наш предлог“, вели Фазлиу.

Тој потенцира дека „Беса“ во изминатиот период се однесувала конструктивно и очекува ист таков однос и од страна на власта.

„Дадовме максимална поддршка за СЈО, бевме дел од граѓанските протести, ги дадовме потписите за да се добие мандатот за состав на Влада. Во целиот период бевме конструктивни. Очекуваме ист таков однос и од страна на власта кон нас. Неопходни се разговори и консултации за сите идни чекори меѓу сите политички партии, но таму каде што им е местото – во парламентот“, вели Фазлиу.

Премиерот Зоран Заев по завчерашната средба со комесарот Хан изјави дека тој закон е дел од владините приоритети.
„Законот за унапредување на употребата на јазиците е дел од приоритетите, составен дел на владината агенда. Согласно сите процедури, штом ќе биде се подготвено, поддржувам ова прашање да биде отворено за дебата, да се дискутира за него и потоа да бидат донесени одлуки. Нашите ставови за ова прашање се многу јасни: за нас јазикот е алатка да се разбереме и апсолутно немаме никакви предрасуди“, рече Заев.

Од ДУИ не се достапни за коментар на забелешките на „Беса“ и на нивното најавено отсуство, односно за можноста од неуспех на средбата.