Friday, Apr 26, 2024
HomeГОВОРНИЦАСтавАболицијата на Иванов ја создаде Шарената револуција – една година подоцна

Аболицијата на Иванов ја создаде Шарената револуција – една година подоцна

Пред точно една година шефот на државата Горѓе Иванов, донесе одлука за аболиција на 56 лица. 12.04.2016 е датум кој ќе остане запаметен по будењето на свеста на критичкото граѓанство. На тој ден, околу 17 часот претседателот Иванов ги повика новинарите. До тој момент никој не очекуваше дека ќе слушне такво нешто. Аболиција. Помилување за 56 лица осомничени за криминал. Абилицијата беше за лица опфатени со истрагите на Специјалното јавно обвинителство, но и во случаите Пуч и Поткуп. Гробар на правдата е терминот кој тогаш му беше даден на претседателот. Веднаш по завршувањето на прес конференцијата, револтирани граѓани почнаа да пишуваат на социјалните мрежи и да излегуваат на улиците. Првите два дена од таканеречаната Шарена револуција ќе останат запишани во историјата поради изразот на револтот, но и поради полициската бруталност.
protest vlada 06 (6) (1)
Демолирана беше народната канцеларија на Иванов, запалена беше неговата фотографија и неговото столче. Таа вечер беа приведени неколкумина демонстранти и беше регистриран напад на новинар. Подоцна „револуционерите“ седнаа и на обвинителните клупи. Од Кабинетот на Иванов не соопштија како ги добиле имињата на лицата опфатени со истрагите на Катица Јанева. Специјалното јавно обвинителство бараше одговори од претседателот, но не ги доби. Одговори не доби ниту јавноста, иако Иванов подоцна беше принуден да ја повлече аболицијата.
protesti plostad 06 (7) (1)
Обоените барокни зданија се исчистија, но една година подицна, дали е исчистен и криминалот од оваа држава? Дел од аналитичарите сметаат дека за тоа е потребно време. Денеска, имаме блокирано собрание во ситуација во која е јасно дека ВМРО ДПМНЕ е опозиција, но се уште не може да се случи избор на нов собраниски спикер. Сепак, оптимизмот во општеството се чувствува и покрај исценираните блокади на улиците наречени иницијатива „За заедничка Македонија“. Граѓанското будно општество, за среќа, не подлегна на провокациите кои мора да признаеме ги имаше. На пример, тепањето новинари. Па така, сите тивко чекаат избор на нова реформска влада од која очекуваат барем нормализирање на очајните состојби во кои се наоѓаат сите сфери на општественото живеење. Дали таа влада ќе ги оствари скромните очекувања, останува да видиме.

Како и да е, оваа година дефинитивно направи разлика во граѓанската колективна свест.
protesti vlada 06 (1) (2)