Tuesday, Apr 30, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаБонева поднела оставка за да си го зачува личен интегритет

Бонева поднела оставка за да си го зачува личен интегритет

Силвана Бонева, членка на ДИК од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, во оставката која ја депонирала до Собранието вели дека таа од нејзиниот избор во ДИК совесно, одговорно, согласно закон ја извршувала функцијата.

Според неа, критиките од јавноста за бонусот плати кои членовите ги добија за локалните избори, се „неосновани обвиненија и истовремено носење на пресуди дека се неморални“ иако законски работеле.

Таа во оставката вели дека е симптоматично што линчот е после тригодишна примена на Законот и е насочен само кон 9-те членови на ДИК, но не и за изборната администрација, на која исто така и бил исплатен надоместок.

„Бруталните навреди, клевети, закани по живот преку социјалните мрежи и некролози за мене на електричните столбови низ Струмица, е целосна повреда на моите основни човекови права, честа и угледот, а се во име на демократијата, правната држава и гласот на народот“, вели Бонева.

Во оставката таа потенцира дека со хајката се урнисало достоинството на ДИК како највисок државен орган кој е задолжен не само за спроведување на избори, туку и за спроведување на референдуми на државно и локално ниво.

„Од овие причини, а заради зачувување на мојот личен интегритет како човек, ја поднесувам оваа оставка и ви благодарам за досегашната искажана доверба“, додава Бонева.