Tuesday, Apr 30, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаМинистер за внатрешни работи за 24 часа: Собранието го изгласа Оливер Андонов

Министер за внатрешни работи за 24 часа: Собранието го изгласа Оливер Андонов

Пратениците во Собранието доцна вечерва со 65 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, во отсуство од гласањето на пратениците од опозицската СДСМ, го изгласаа Оливер Андонов за министер за внатрешни работи, откако претходно Митко Чавков поднесе оставка на должноста.

„Професор на воената академија како и професор и на други високообразовни институции. Од неговата биографија може да се види дека целосната негова научна и професионална кариера е во сферата на одбраната и безбедноста. Моментално работи на воената академија. Сметам дека се работи за човек кој и покрај тоа што работел во МВР и со својот научен кредибилитет и постигнувања во делот на безбедноста ќе даде максимум за што попрофесионално извршување на својата функција како министер за внатрешни работи“, рече премиерот Емил Димитриевво образложението за предлогот Оливер Андонов да го води ресорот за внатрешни работи.

Додаде дека како во владата сметаат и на досегашниот министер Митко Чавков за кој оцени дека има одлично работно искуство и професионалност и дека се очекува да биде на една од клучните позиции во министерството.

На гласањето за нов министер му претходеше расправа меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата. За опозицискиот СДСМ станува збор за апсурден потег на власта, оценувајќи дека Андонов нема да може ниту анкетниот лист да го предаде дека станал министер, бидејќи има мандат од еден ден. Имено во петокот треба да биде формирана техничката односно преодната влада, а Оливер Андонов ќе биде дополнителен заменик министер за внатрешни работи, а министер како што се очекува ќе биде Оливер Спасовски од СДСМ.

Претениците на ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека нивниот предлог е во согласност со Уставот и законите и дека со тоа ќе се намалела можноста за непотизам од страна на Оливер Спасовски во Министерството за внатрешни работи.

Претходно денеска досегашниот министер за внатрешни работи Митко Чавков поднесе оставка на функцијата, а Оливер Андонов беше предложен за нов министер за внатрешни работи. Чавков ќе биде именуван на позицијата директор на Бирото за јавна безбедност во МВР.

Чавков има долгогодишна кариера во МВР, а процената на премиерот е дека во идниот период е потребно тој да биде директор на Бирото за јавна безбедност каде што степенот на оперативно и тактичко постапување е поинтензивен и како човек кој е квалитетен и искусен тој е потребен за оперативно извршување на задачите и целите, особено ако се имаат во предвид најавите за можноста за нови мигрантски бранови и други безбедносни ризици.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, изјави дека претпладнето се одржала владина седница на која по нивно лично барање се разрешени и досегашните директори на Бирото за јавна безбедност и Управата за безбедност и контраразузнавање, Горанче Савовски и Љупчо Андоновски.

Генералниот секретар на СДСМ и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски не сакаше да ги открие имињата на министрите и на замениците-министри кои треба да ги именува СДСМ во преодната влада за организирање на предвремените парламентарни избори. Тој не сакаше да каже дали тој ќе биде старо-нов министер за внатрешни работи.