Голема сообраќајка кај Стража – пет повредени, патот блокиран
Тешка сообраќајна несреќа се случи утрово на патот Кичево-Скопје, во близина на преминот Стража. Од СВР Охрид известија дека во сообраќајката учествувале две патнички моторни возила, „мерцедес“ со италијански регистерски таблички и „голф“ со скопски, а сообраќајката се случила на кичевската страна на патот.
Повредените лица се префрлени во кичевската болница, а едно потешко повредено лице, поради сериозноста на повредите, ќе биде префрлено на скопските клиники.
Увид на местото вршат полициски екипи и јавен обвинител.
Од Автомото сојузот на Македонија информираат дека сообраќајот е во прекин во двата правци додека не се расчисти местото на несреќата и не заврши увидот.
Фото: Агрон Адеми