Tuesday, Apr 30, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСудските службеници утре на штрајк

Судските службеници утре на штрајк

Незадоволните судски службеници од сите судови во Македонија, утре од 10.30 до 12.30 ќе излезат на предупредувачки штрајк, најави денеска Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) и од Здружението на судската администрација.

Тие се решиле на ваков чекор откако власта не одговори на нивните барања до Министерството за правда да се измени Законот за судска служба. Според Синдикатот овој закон е неповолен за вработените, предвидува големи казни, донесен е нетранспарентно, за кратко време, а во него има демотивирачки елементи. Законот е полн со технички грешки и недореченост, што го прави неприменлив.

– Оценувањето е голем проблем, бидејќи според овој закон, 5 отсто од сите судски службеници мора да бидат казнети, а 5 отсто може да бидат наградени. Во тие 5 отсто што ќе бидат казнети – во рок од една година ќе бидат казнети со 10 отсто од платата. Исто така само со една негативна оценка судскиот службеник може да го изгуби работното место. Со две последователни добиени оценки 2, повторно го губи работното место. Ваква одредба ја има само кај нас. Голем проблем е и неможноста за напредување на веќе вработените. Имавме таков случај во Основен суд 2, пред неколку месеци, каде што имаше оглас на кој не можеа да аплицираат веќе вработените, туку беше наменет за нови вработувања – вели Трпе Дејановски, генерален секретар на УПОЗ.

Здружението на вработени во судската администрација, од донесувањето на Законот во април 2014 година, организирало тркалезни маси и форуми, собирало мислења од експерти, имало и средба со министерот за правда, а поднеле и иницијатива до Уставниот суд, за преиспитување на уставноста на ваквиот закон.

– Од сите активност пто ги презедовме произлезе дека овој закон е неприменлив и дека час поскоро треба да се има измени, во кои ќе бидат земени предвид предлозите на Здружението, паралелно формиравме работни групи кои работеа на предлог на измени на Законот, тој текст е доставен до Министерството за правда, но досега немаме разбирање за измени, одлучивме да направиме предупредувачки штрајк за да покажеме дека не се откажуваме од оваа идеја – рече Борче Мирчевски, претседател на Здружение на судска администрација.

Синдикатот истакна дека при донесувањето на овој закон, воопшто не бел информиран, ниту учествувал во работните групи.

Фото:А1он