ЕУ загрижена но, не и решителна
Советот на ЕУ по дебатата која ја имаше ги донесе и заклучоците за Република Македонија кои како што се очекуваше се спакувани со внимателен дипломатски речник, со пораки за превземање одговорност и од власта и од опозицијата кои треба да го почитуваат постигнатиот договор од 2 јуни со посредство на Јоханес Хан.
Главната порака е дека Европската унија е загрижена за политичката состојба во Македонија и настаната криза и ги повикува политичките лидери и нивните партии да изнајдат решение преку преговори и демократски методи за продолжување на процесот на реформи и приближување до членство. Советот на министри за надворешни даде поконкретни заклучоци искажани во шест точки кои ја потврдуваат и досегашната реторика на Брисел.
Од една страна се вели дека постои загриженост за непочитување на одредени демократски начела како независност на судството и медиумите, партизираност на државните институции и потреба од итни реформи во повеќе области и независна истрага за објавените материјали и можните кривични дела, но генералните извештаи на Европската комисија се уште имаат позитивен тон.
Примената на препораките на Советот за почитување на договорот од 2 јуни од кој сега тешко ќе избегаат власта и опозицијата, како и на останатите насоки за реформи во политичкиот систем ќе бидат следени од Европската комисија, а се превземаат со цел да се подобри изборното законодавство со што би се создале фер услови за настап на сите партии на изборите закажани за април наредната година.