Friday, Apr 26, 2024
HomeРЕФЛЕКТОР 30 години  од “LIVE AID”  со  легендарниот Драган Б. Костиќ

 30 години  од “LIVE AID”  со  легендарниот Драган Б. Костиќ

 

 

13 јули 2015 е денот кога се одбележуваат 30 години од грандиозниот планетарен музички хепенинг “LIVE AID”. Ден кога музиката го промени светот.

Легендарниот радио водител Драган Б. Костиќ беше еден од водителите на ова шоу на македонски јазик, во времето на поранешна Југославија, на Македонската Телевизија која тогаш се викаше РТС (Радио Телевизија Скопје) и жив сведок на случувањата кои го одбележаа целиот овој настан. Во голем радиски златен серијал, Костиќ, преку информација, едукација и забава подготвува музички документ кој ќе остане за историјата.

DRAGAN KOSTIC

“Го нарекоа најголемото шоу на Земјата, 59 светски бендови свиреа во живо во неповторлив 16-часовен маратон. Ова шоу собра преку 60 милиони долари за гладните во Африка и засрами многу светски влади. Многумина со потсмев и недоверба гледаа на целата идеја, но нејзиниот креатор и идеен гуру Боб Гелдоф успеа да ги смири сите суети и да го спои светскиот музички крем под едно знаме. Како што вели Елтон Џон , “Гелдоф е човек кого едноставно не можеш да го одбиеш”. Па така, лудата идеја на Боб Гелдоф и Миџ Јур се оствари на 13 јули 1985 како масивен глобален џубокс на светски ѕвезди на стадионите Вембли во Лондон и ЏФК во Филаделфија и сето тоа преку 13 сателити го видоа милијарди гледачи” – вели Костиќ.

Б. Костиќ подготви стории за сите изведувачи на овој историски спектакл, меѓу кои беа Queen, U2, Bob Dylan, The Who, Status Quo, Elton John, Paul McCartney, David Bowie и многу други. За борбата на суетите, за многуте пикантерии кои го следеа шоуто, нивните настапи, па се до интересните факти “каде се тие денес” и кавер верзии на нивните хитови со временска дистанца од 30 години.

Златниот авторски серијал “КАВЕРВИЛ LIVE AID – 30 години подоцна” ќе се емитува во рамките на популарното шоу  “КАВЕРВИЛ” на Драган Б. Костиќ. Ќе отпочне на легендарниот јубилеен ден 13 јули и ќе трае 3 недели се до 31 јули, остварувајќи 15 продолженија. Шоуто ќе се емитува на мрежа од партнерски радио станици ширум Македонија        Проектот “КАВЕРВИЛ LIVE AID – 30 години подоцна” е производ на “СТ Продукција”, заедно со авторот и водител Драган Б. Костиќ и музичкиот продуцент Александар Митевски.