Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗошто министрите во оставка му реферираат на Груевски?

Зошто министрите во оставка му реферираат на Груевски?

По десет години на чело на Владата, претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Никола Груевски, вчера на социјалните мрежи се пофали со реконструкција во студентските домови. Тој го посети домот „Гоце Делчев“ заедно со заменикот министер за образование, Спиро Ристовски, кој детално му објаснуваше за новите лифтови, машини за перење, сушење и вредноста на оваа инвестиција – пренесува Тв 24.

Во услови кога Груевски не е премиер речиси повеќе од една година, експертската јавност го поставува прашањето во кое својство лидер на партија посетува студентски дом и зошто заменик- министерот Ристовски му дава отчет нему. Дел од аналитичарите додаваат дека ВМРО – ДПМНЕ нема веќе ниту парламентарно мнозинство и според нив ова е доказ дека Груевски не сака лесно да ја предаде власта.

Аналитичарот Петар Арсовски вели дека Груевски се однесува како министрите да треба да му реферираат нему, по манирите на држави кои не се во основа демократии. Тоа однесување е произвот на висока политичка хистерија и политичка тензија. Груевски одбива да се соочи со реалноста дека повеќе не е премиер – додава Арсовски, а според дел од експертите, во земјава во овој момент постојат многу позначајни прашања со кои политичарите треба да се занимаваат.

Во кое својство лидерот на ВМРО- ДПМНЕ го посетил домот „Гоце Делчев“ од партијата не одговорија. Нема ниту одговор од владата зошто заменик- министерот Ристовски му дава отчет на Груевски, наместо на техничкиот премиер Емил Димитриев.

Само за потсетување, во изминативе години, студентите неколкупати реагираа на страотните услови за живеење во домот „Гоце Делчев“, и на другите домови. Владата претходно најави реконструкција на домовите, но тоа ветување ги проби сите ветени рокови, а и оваа зима студентите го поминаа времето делумно во студ и темница.