Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗНМ: Итно укинување на притворот на Божиновски

ЗНМ: Итно укинување на притворот на Божиновски

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) очекува судот итно да го укине притворот на новинарот Зоран Бижиновски и да му дозволи да се брани од слобода во постапката што се води против него за злосторничко здружување, шпионажа и за уцена.

Од ЗНМ денеска соопштија дека негови и претставници на Хелсиншкиот комитет, на 5 мај оваа година, го посетиле Божиновски во притворското одделение во затворот „Скопје“.

„Несфатливо е новинар да се држи две и пол години во притвор од кои 18 месеци во екстрадициски притвор во Србија и 13 месеци притвор во Македонија. Очекуваме итно укинување на притворот, а на новинарот Божиновски безусловно да му се дозволи да се брани од слобода“, стои во соопштението од ЗНМ.

Оттаму велат дека од досегашното следење на судењето, иако биле закажани десетина судски расправи, повеќето биле одложени поради, како што нагласуваат од ЗНМ, вина на судот, односно поради прераспределување на судија, необезбедно присуство на сведоци и неспроведување на новинарот до судот.

„Сè уште не се изведени докази за тоа дека новинарот Божиновски е припадник на злосторничка група и дека имал умисла да создаде таква група, ниту дека стапил во контакт со странска разузнавачка служба на која ѝ предал државни тајни“, додаваат од ЗНМ.

Зоран Божиновски, кој беше осомничен во случајот „Шпион“, на 21 април минатата година беше уапсен во Нови Сад и неколку часа подоцна беше екстрадиран во земјава. Божиновски беше уапсен и во ноември 2013 година во Нови Сад, по потерница преку Интерпол, и помина повеќе од една година во екстрадициски притвор, по што беше пуштен да се брани од слобода со одлука на српскиот апелациски суд.I