Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЖерновски: После цели две години од референдумот за ГТЦ, победивме

Жерновски: После цели две години од референдумот за ГТЦ, победивме

Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски вчера преку социјалната мрежа „Фејсбук“ ја поздрави одлуката на Уставниот суд со која привремено се запира менувањето на фасадата на ГТВ во барокен стил.

„ПОБЕДА ЗА ГТЦ! После цели две години од референдумот за ГТЦ, може конечно да се каже дека победивме. Јас секогаш верував во исправноста на одлуката да се одржи референдум за ГТЦ. Многумина ја исмејуваа одлуката, ја сметаа за наивна, но не беше така. Она што го постигнавме беше многу значајно за борбата и иднината на ГТЦ. Секогаш верував во искреноста на сите оние кои ја поддржаа иницијативата „Го сакам ГТЦ“. Верував во сите кои беа дел од гушкањето на нашиот ГТЦ и кои се бореа да го задржи неговиот автентичниот изглед“, напиша Жерновски.

Според Жерновски, вчерашната одлука на Уставниот суд е, како што рече зрак светлина во темницата на македонското судство.

„Одлуката на Уставниот Суд, со кој се спречува владата да одлучува која ќе биде иднината на ГТЦ, е зрак светлина во темнината во која тонеше македонското судство со години. Конечно една одлука во интерес на граѓани и согласно законите. Се надевам дека ова е само почеток на враќањето на состојбите во нормала и одбрана на интересите на сите граѓани. Иницијативата „Го сакам ГТЦ“ докажа дека граѓанскиот активизам не е залуден. Дека само со истрајност и искрени намери може да се спречат лоши владини одлуки. Искрени честитки до нив! Ова треба да биде поттик за сите граѓани активно да се борат за своите права“, додаде Жерновски.

Покрај фасадата на ГТЦ, Уставниот суд го стопираше и менување на изгледот на Македонска опера и балет и на Универзитетска библиотека.
Уставните судии вчера исто така со мнозинство гласови одлучија да покренат постапка со која ќе се испитува уставноста на членот 50 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој на владата и дозволува, без одредени законски прописи, да прогласува објекти од посебен интерес и да го менува, доградува и урива објекти по сопствена желба.