Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗЕЛС изрази жалење за убиениот градоначалник

ЗЕЛС изрази жалење за убиениот градоначалник

Заедница на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС) изрази длабоко жалење за огромната загуба на искусен професионалец и поборник на развојот на децентрализацијата на власта во Република Македонија.

„ЗЕЛС го осудува чинот на грозоморното убиство што беше извршено утрово врз градоначалникот на општина Боговиње, Хазби Идризи, долгогодишен член на Заедницата и активен учесник во нејзиното јакнење и унапредување.

Градоначалниците, општинските советници и сите вработени во локалната власт во земјава се длабоко потресени од овој немил и неочекуван настан, особено што е извршен врз личност со високи морални вредности и голема професионална одговорност. Станува збор за еден од најуспешните градоначалници, кој беше целосно посветен на развојот на децентрализацијата на власта и развивањето на демократските процеси во земјава.

ЗЕЛС загуби човек кој со своето огромно искуство претставуваше сила потпора за нејзин континуиран развој и поборник за консензуално решавање на сите предизвици. Неговите успеси ги потврдуваат не само неговите сограѓани од општината Боговиње, туку тие беа длабоко почитувани и применувани од другите општини во земјава и надвор од неа“, се наведува во соопштението на ЗЕЛС.

ЗЕЛС упатува искрено жалење за огромната загуба и до неговото семејство и апелира до надлежните органи за поитно утврдување на причините за стореното злосторство.