Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаконот за јазици не го загрозува македонскиот јазик, тврди Људмил Спасов

Законот за јазици не го загрозува македонскиот јазик, тврди Људмил Спасов

Македонскиот јазик не е загрозен од Законот за употреба на јазиците што е во собраниска процедура, рече проф. д-р Људмил Спасов, претседател на Советот за македонски јазик, одговарајќи на новинарско прашање по денешната прес-конференција во Владата, на која тој презентираше пет од 25-те мерки за подобрување на состојбата на македонскиот јазик.

Новиот состав на Советот за македонски јазик ѝ ги предложил 25-те мерки на Владата, која на вчерашната седница дала позитивен сигнал и ќе одвои пари за нивната примена, што, според Спасов, е првпат една влада да одвои фондови за афирмација на македонскиот јазик.

Претседателот на Советот за македонски јазик како особено важни ги нагласи основањето фонд за поддршка на афирмирањето на македонскиот јазик на странски универзитети и за поддршка на постоечките и отворање нови лекторати, како и преобразбата на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Македонистички центар „Македоникум“ и почнување на повеќе различни школи за македонски јазик за странци и за децата кои живеат надвор од државата.

Спасов најави дека кон крајот на годината ќе почне јавна расправа и за Законот за македонски јазик, а и ќе се формира и одбор за стандардизација и за грижа за македонскиот јазик и ќе се обезбедат повеќе пари за научните работници.