Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев старо-нов премиер, ветувања за подобар живот на сите полиња

Заев старо-нов премиер, ветувања за подобар живот на сите полиња

Македонија и официјално доби нова влада. Мандатарот Зоран Заев ги претстави програмските определби и предизвици со кои ќе се соочи во наредниот четиригодишен мандат како прв министер меѓу еднаквите. Во старо-новиот коалициски брак со ДУИ и ДПА, претседателот на СДСМ се обрза на подигнување на платите и животниот стандард кај населението (економијата), справување со Ковид-19 ( здравството), отворање и успешно преговарање на претпристапните преговори со ЕУ (патот кон ЕУ), „чешлање на имотот“ на судиите и обвинители, како и реформи во правосудниот систем ( правда).

Меѓу другото, Заев вети 20.000 минимална плата на крајот од овој мандат, но и 34.000 денари просечна плата. Пензионерите добија ветување од 10.700 минимална пензија, но и можност за 5 години порано пензионирање од новата влада. Економската програма ветува и реновирање на постојните и изградба на нови 260 км автопатишта, но и 960 километри локални патишта, кои се клучни за развој на земјоделството како примарна гранка на многу региони низ земјата. Рамниот данок ќе остане  и понатаму, практикуван од Влада која номинално се декларира за социјалдемократска (левичарска), и ќе има  даночни олеснувања за тие што ќе сакаат да започнат свој бизнис.

На улиците ќе се вратат и „маалските полицајци“, кои ќе воведуваат ред, за поголема безбедност на граѓаните, а со спојување на инспекторатите, предвременото пензионирање, и спојување на агенции кои се по сродност во својата работа, новиот премиер Зоран Заев најави рационализација на јавната администрација, и нејзино намалување до 20 %. Никаде не е спомнато отпуштање од работа на административните службеници, само по претходен договор со нив, за нивно трансферирање во приватниот сектор.

Оваа влада е резултат на 10-тите парламентарни избори, кои се одржаа на 15 јули, за прв пат во вонредни услови, предизвикани од пандемијата од Ковид-19 вирусот. На нив, коалицијата „Можеме“, предводена од СДСМ и БЕСА, победи освојувајќи вкупно 46 мандати, коалицијата „Обнова на Македонија“, зема помалку 2 пратеници, односно 44, ДУИ  15 пратеници, Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива 12, Левица 2 и ДПА 1 пратеник.