Sunday, May 19, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗаев и Ахмети пред договор за влада – Кој ќе биде премиер и што ќе земат интегративците?

Заев и Ахмети пред договор за влада – Кој ќе биде премиер и што ќе земат интегративците?

Веќе наголемо во јавноста се шпекулира дека коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ и БЕСА веќе го договориле новото парламентарно мнозинство со ДУИ. И покрај тоа што во предизборието, лидерот на СДСМ и доскорешен премиер Зоран Заев, со својот коалициски партнер Али Ахмети си упатија „отровни стрели“, наговестувајќи растурање на политичкиот брак после изборите на 15-ти јули, сепак бројките ги демантираа. Тесниот резултат, и во т.н македонски и во останатиот албански политички блок, изискуваа повторно коалицирање на досегашните партнери. Заканувачката реторика пред изборите, веднаш беше заменета со реторика која укажува на повторно усојузување, односно истакнување на фактите дека СДСМ и ДУИ во нивната претходна коалициска влада постигнале невиден пробив и квантен напредок во европските и евроатланските интеграции на земјава.

Македонија и официјално постана 30-та земја членка на НАТО-алијансата, а се очекува до крајот на годинава да ги започне и претпристапните преговори со Европската Унија, после 15 годишен статус на земја кандидат. Овие надворешнополитички ориентации се можеби и главното врзивно ткиво на старо-новите партнери и во идната македонска влада. Доказ за скорото официјализирање на владата е закажаниот централен и извршен одбор на најголемата владејачка партија на „Бихаќка“, на кој веројатно и ќе се даде „ зелено светло“ на оваа коалиција пред партиските тела и органи. Медиумите шпекулираат дека ДУИ и нејзиниот лидер Али Ахмети се откажале од своето инсистирање на PSE JO премир во ликот на Насер Зибери, макар и по форматот 3+1 во замена за кадровски решенија на ДУИ во Министерството за внатрешни работи ( политички трофеј кој ДУИ до сега го немал во своите редови), Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, па дури и во иднина избор на гувернер на НБРМ од редовите на ДУИ. 

Македонија ја чека тешка есен, поради справувањето со последиците од Ковид-19 пандемијата, уште потешка зима на економски план. Ветувањето за поставување на чесни, некорумпирани и ефикасни партиски кадри од двете партии е само вовед во тоа како ќе ја пресретнеме есента која е на прагот, и зимата која доаѓа, односно дали функционерите ќе ги вложат сите свои капацитети да работат за добробитта и интересот на граѓаните, без разлика на нивната етничка, партиска, национална или било каква друга припадност.