Thursday, May 9, 2024
HomeUncategorizedЗа Универзална имаше решение од Трајановски, Шилегов требаше да ја надмине суетата и да го спроведе

За Универзална имаше решение од Трајановски, Шилегов требаше да ја надмине суетата и да го спроведе

Александар Трајановски  е роден 1986-та во Скопје. Дипломиран правник по деловно право, сопственик на приватна компанија,  претседател на градската организација на Граѓанската опција  за Македонија (ГРОМ-Скопје). Од 2017-та година е член на Советот во Град Скопје. Контроверзите кои јавноста ја хистеризираа  и предизвикаа гнев и негодување околу иднината и физичкиот статус на Универзалната сала, култниот скопски објект за културни манифестации, и опциите кои се на маса за негово  решавање, беа доволен повод  да поразговараме со Трајановски.

 

Разговараше: Благојче Атанасоски

Позитив.Мк: Повеќе од  една седмица, јавноста е  „разбранувана“ од можноста Универзалната сала да биде срушена. Како Вие како член на Советот на Град Скопје од редовите на опозициската коалиција го коментирате ова, и кој е Вашиот став за најдоброто решение за Универзална?

Трајановски:Не можам да разберам зашто воопшто се стави на маса иницијатива за рушење и изградба на некаква си летна сцена со парк на локацијата на култната Универзална сала. Впрочем и во изборната програма на градоначалникот Шилегов изрично стоеше „одглавување на процесите“ и приоритетна реконструкција за Универзална.

Оваа иницијатива е новодојдена, за тоа потрврдува и фактот што никогаш порано во изминативе три години во Советот на Град Скопје не станало збор за рушење на Универзалната Сала, а во 2019 Град Скопје доби средства од владата во висина од 30 милиони денари за почеток на реконструкцијата.  Има тежина тврдењето околу ДУП-от за Треска во кој спаѓа и Универзална Сала и дека според законските одредби мора да се надомести порцентот на зелени површини за да се удоволат стандардите, а во овој ДУП и да нема друго државно земјиште на кое може да се интервенира, но тоа не е и не смее да биде причина Универзална да се руши.

За Униварзлна веќе има постоечки проект од претходниот градоначалник кој сметам дека ја отсликува реконструкцијата во буквална смисла на зборот и го задржува автентичниот изглед, имаше и предлог проект „Јајце“ кој беше модерен концепт за целосно нов објект, но и тогаш јавноста бурно реагираше, а актуелниот градоначалник Шилегов требаше да ги земе тие искуства во предвид.

Жално е што уште еден, изготвен и платен проект со парите на граѓаните ќе заврши во фиока само затоа што е изготвен од претходникот на актуелниот градоначалник. Овој пример не е само за Универзална  Сала и Град  Скопје, проекти се плаќаат и завршуваат во фиока и во Општините ширум Македонија.

 

Позитив.мк :Градоначалникот на Град Скопје најави и можност за референдум, бидејќи има огромни реакции во јавноста, со оглед  дека салата претставува  култно мемориско обележје на нашиот главен град. Дали сместате дека е неопходен референдум на територијата на Градот Скопје по ова прашање?

Трајановски: Референдум е демократско право која на највисок степен ја изразува волјата на граѓаните, но кај нас во последниве неколку години имаше неколку референдуми од локален и национален карактер на кои и покрај изразената или неизразената волја на граѓаните, власта манипулираше со исходот во своја полза. Сметам дека по ова прашање не треба да има референдум. Ако Петре Шилегов во својата изборна програма ветувал реконструкција на Универзална и врз основа на овие ветувања добил поддршака од граѓаните на Скопје, би било логично да цели кон исполнување на своите предизборни ветувања, а референудм по ова прашање би било затскривање на безконцептноста. Универзална сала е симбол на солидарноста на Град Скопје и скопјани, но речиси и да нема Македонец  што не бил во неа на било каков настан или манифестација и дели спомен и емоција со ова место. Од тој аспект несовесно би било само скопјани да одлучуваат за Универзална Сала на референдум, затоа сметам дека не треба да има.

 

Позитив.мк: Кој сметате  дека е виновен за денешната руинирана и нефункционална состојба на Универзалната сала?

Трајановски: Ако се земе во предвид дека Универзална сала не е реконстуирана 30 години, не земајќи ги во предвид некои минимални санации, одговорноста е кај сите градоначалници од независноста до денес. Но само пред околу 5 години се појавува иницијатива за нејзина реконструкција. Погоре веќе напоменав дека проект за реконструкција постои и изготвен, а последователно на изработката на тој проект Универзалната Сала беше затворена, а нејзината администрација и раководство преселена во импровизирани простории во библиотеката „Браќа Миладиновци“. Ова кажува дека системски претходниот  градоначалник почнал со реализација. Доколку новоизбраниот градоначалник го надминеше синдромот„проект од мојот претходник“ и го уважеше веќе изготвениот проект, скопјани и Македонија, а и вработените во Универзална Сала сега ќе имаа целосно функционала повеќенаменска сала за концерти и настани на располагање.

Универзална сала како посебен правен субјект не е финансиски самоодржлив, особено без својот објект од кој наплаќа карти, закуп за настани итн итн. Функционирањето од импровизирани канцеларии им овозможува реализација на мали и странични проекти кои не се  ни приближно на она што порано Универзална го нудела и продуцирала.

 

Позитив.мк: Поминаа  3/4 од мандатот на актуелниот градоначалник на Град Скопје. Како ќе го оцените неговото досегашно управување со главниот град на Македонија?

Трајановски: Како советник кој доаѓа од опозицијата се подразбира дека ќе бидам критичен. Сметам дека Шилегов се труди да остави свој траг во град Скопје, но постои голема дискрапанца од предизборните ветувања и актуелната реализација. Уште еднаш ќе повторам дека за мене е очигледно немањето вистинска визија, концепт и конзистентност. Причина за ова се нераланите изборни ветувања кој од позиција на градоначалник веројатно се неизводливи. Што доби Скопје од борбата за чист воздух? Најсапиот паркинг на Водно,  чат-пат бесплатен автобуски превоз и 30 автобуси на гас. Зиплајнот е фантазија, тунелите под Кале постојат само на хартија, мостот на кој требаше да биде поставено панорамското тркало сеуште не е пуштен во употреба иако Панорамско тркало нема да се поставува. Целосно сопрена изградбата на Луна Парк(најмалите скопјани се без своето омилено место за забава веќе 4 години). Ова укажува дека пишаната програма на предизборниот памфлет е целосно напуштена и заборавена. Згора на тоа ако се земат во предвид изјавите на градскиот татко во кои најавува отпочнување со работа на некои од неговите започнати или реализирани проекти ќе увидите дека ниту еднаш не бил во право. Токму за Универзална сала имаме три различни изјави, за новото Јавно Претпријатие за третман на улични кучиња „Лајка“ исто така три различни изјави за почеток со работа. За „Градска Куќа“ откако на Советот на Град Скопје се изгласаа одобрување на средства за опремување со мебел, непосредно после одлуката истата беше продадена.

 

Позитив.мк Како ќе го оцените Вашиот придонес во овие 3/4 од мандатот член на Советот на Град Скопје, односно дали еден опозициски советник, активно може да учествува во креирањето на политиките за  скопјани?!

Трајановски: За мојот придонес во Советот на Град Скопје би оставил да оценат граѓаните,  оние благодарение  на чија поддршка сум денес овде. Секогаш се трудам да ги застапувам нивните интереси и да зборувам од говорницата за нивните проблеми  Сметам дека функционалноста на градот во однос на потребите на граѓаните мора да биде на највисоко ниво. Тешко е од опозиција да наметнете иницијатива во советот, но тоа не ме обесхрабрува во работата. Три буџетски години мнозинството во Советот на Град Скопје и градоначалникот немаат прифатено ниту еден предлог ниту иницијатива   предложена од страна на опозицијата, тоа сериозно укажува на недостаток на демократски капацитет и е нешто на кое имам сериозни забелешки. Би сакал да имаме капацитет да се напуштат партиско-  коалициските јадра, особено кога станува збор за потребите на сите граѓани на Скопје, но можеби во некоја блиска иднина ќе го видиме тоа.