Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗа Тачи е смешна идејата за Голема Албанија

За Тачи е смешна идејата за Голема Албанија

Косовскиот претседател Хашим Тачи ја повика ЕУ да не потпаѓа под влијание на манипулацијата на Србија околу наводните аспирации на Косово и Албанија за создавање на Голема Албанија.

Иако и самиот деновиве излезе со изјава која сугерираше такво нешто, Тачи на својот профил на Фејсбук напиша дека нема ништо полошо и посмешно отколку да се слуша, како што вели тој, “трескањето глупости од Србија” за наводни “обиди за создавање на Голема Албанија”.

“Повторното актуелизирање на оваа стара пропаганда од времето на Слободан Милошевиќ не е случајно”, напиша претседателот на Косово.

Тој верува дека српската пропаганда, меѓу другото, има две цели, од кои едната е “да се легитимизира Голема Србија создадена по геноцидот извршен во Босна и Херцеговина.” “Втората цел е да се поттикнат националистичките и екстремистички елементи да го дестабилизираат Косово и да го загрозат неговиот територијален интегритет “, рече тој.

На Србија, според Тачи, не и пречи Албанија како независна и суверена држава.

“За време на преговорите во Брисел, без никаков срам, неколку пати, тие рекоа дека преферираат да водат дијалог со Албанија, но не и со Косово”., изјави тој.

Според него, ова што се случува е “оркестрирана кампања предводена од Србија, а подготвена од страна на истите протагонисти кои работеле пред 20 години на стариот занает.”

“За жал, ЕУ во својата наивност во врска со Косово станува жртва на пропаганда на Србија. Како резултат на тоа не се случајност однесувањето и изјавите на некои претставници на ЕУ, кои се во согласност со изјавите на српските официјални претставници при обраќањето на Косово”, рече тој.