Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗа неколку дена ќе се знае дали имало злоупотреби на АКМИС во Кривичниот суд

За неколку дена ќе се знае дали имало злоупотреби на АКМИС во Кривичниот суд

За неколку дена треба да биде познато дали имало злоупотреби на автоматизираниот систем за управување со судските предмети (АКМИС) во Кривичниот суд во Скопје, односно дали се местело одредени предмети да бидат распределени кај одредени судии, изјави претседателот на Комисијата на Министерството за правда, Лазар Нанев, по денешниот увид во судот.

– Побаравме материјали кои ќе покажат дали системот работел според законската регулатива. Законска обврска е секој суд во Македонија да има внатрешни процедури и на месечно ниво да го проверува работењето на системот, а ние ќе видиме дали таа процедура се почитувала. Ќе видиме дали законски или незаконски се вклучувале и се исклучувале судии од системот. Резултатите од ревизијата би биле готови за неколку дена – рече Нанев.

Тој рече дека во судот биле за да извршат анализа во записниците и дека во најголем дел завршиле работа, а она што следи е целосна анализа на сите списи и анализа дали АКМИС функционирал како што треба.

Нанев истакна дека анализите ќе покажат дали бил злоупотребен системот и при распределбата на предметите од Специјалното јавно обвинителство. Доколку има злоупотреби, тоа повеќе не е работа на комисијата, туку на други институции, додаде Нанев.

Инаку, Комисијата на Министерството за правда врши ревизија на распределбата на судските предмети во 2016 и 2017 година.

Постоењето индиции за злоупотреба на автоматизираниот систем за управување со судските предмети беше нотирано и во извештајот на експертската група на Европската Унија, предводена од Рајнхард Прибе.