Tuesday, May 7, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВрховниот суд нема закажано седницата за изземањето на Вангеловски

Врховниот суд нема закажано седницата за изземањето на Вангеловски

Врховниот суд на Република Македонија сè уште не ја закажал општата седница на која треба да се одлучува по барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за изземање на претседателот на судот, Јово Вангелвоски, велат за „Мета“ од Врховниот суд.

– Во врска со Вашето прашање, Ве известуваме дека Врховниот суд на Република Македонија сè уште нема закажано општа седница на која ќе се одлучува по барањето за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, поднесено од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите – стои во одговорот на Врховниот суд.

СЈО бара изземање на претседателот на Врховниот суд бидејќи е дел од прислушуваните разговори што ги објави СДСМ, во период кога Вангеловски исто така ја извршувал функцијата претседател на судот.

Како што соопшти вчера СЈО, во прислушуваните разговори има разговор меѓу поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и Јово Вангеловски, како тогашен претседател на Врховниот суд, што, според СЈО, ја доведува во прашање непристрасноста на судијата Јово Вангеловски да постапува по таков тип предмети, поради постоењето на реална опасност од неговата претходна заинтересираност за решавање на предметот во определена насока.

Бидејќи станува збор за претседател на највисокиот суд во земјава, односно над него нема непосредно повисока судска инстанца, законот предвидел дека за негово изземање одлучува Врховниот суд на општа седница.