Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАСветВрата од непознато летало пронајдена на островот Реунион

Врата од непознато летало пронајдена на островот Реунион

Остатоци од непознато летало се пронајдени на брегот на францускиот остров Реунион во Индискиот Океан, се работи за остатоци од врата, објави телевизијата Sky News.

„Според податоците на изворите на Sky, врата од авион е пронајдена исфрлена на брегот на островот Реунион“, јужно од градот Сен Дени, соопшти во извештајот телевизијата.

Претходно на истото место на островот беше пронајден фрагмент од крило, ткн флаперон. Експертите разгледуваат три верзии за потеклото на фрагментот, меѓу кои едната е дека можно е да му припаѓа на малезискиот „Boeing 777“ кој исчезна во март 2014 година. Во минатото во оваа област, инаку, се случиле неколку авионски несреќи.

Компанијата „Boeing“ потврди дека фрагментот пронајден на островот Реунион припаѓа на авион од типот „Boeing 777“, и изјави дека ќе испрати свои техничари во Франција кои ќе учествуваат во експертизата на останките на којашто во понеделник ќе ѝ се приклучат и малезиски истражители. Фрагментот од засега неидентификуваниот авион е испратен во француската воена база крај Тулуз, специјализирана за истражување авионски несреќи.

На истражните екипи им се предадени и една патничка торба, и две шишиња пронајдени на островот. Станува збор за шише од детергент со натпис „Џакарта, Индонезија“ и за шише со минерална вода со лого за коешто некои сметаат дека е кинеско. Меѓу патниците на летот MH 370 од Куала Лумпур за Пекинг, имаше 153 Кинези и 12 Индонезијци.

Британскиот весник The Telergaph пишува дека во мај годинава, жител на островот Николас Ферие, нашол на брегот на Реунион „дел најверојатно од автобус“. Откако беше објавено за пронаоѓањето на фрагментот на крилото од авионот, тој сега мисли дека „можно е тоа да е фрагмент од авион“.

Досега не беше пронајдена ниедна трага откако на 8-ми март 2014 година исчезна од радарите авионот со 239 патници и членови на екипажот, иако Австралија, во чиишто води се претпоставува дека можеби се урнал авионот откако скршнал од вообичаената маршрута, водеше интензивна потрага во јужниот дел од Индискиот Океан. Таму сателитите последниот ги регистрирале комуникациските системи на авионот.

Извор: Макфакс.ком.мк