Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаТелма: Седум пратеници на ВМРО ДПМНЕ ја отвориле вратата на Собранието

Телма: Седум пратеници на ВМРО ДПМНЕ ја отвориле вратата на Собранието

Седум пратеници од кои шестмина од ВМРО­ДПМНЕ и еден од Социјалистичката партија на Македонија може да се видат на снимките од холот од Собранието, само неколку минути пред да започне крвавиот инцидент. Топ Тема на Ваша страна ги идентификуваше Илија Димовски, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Крсто Муковски, Љубен Арнаудов, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски.

Кога Талат Џафери ја дава заклетвата токму тие се најблиску до вратата која води до холот. Неколку минути пред да се случи упадот тие се појавуваат во холот, еден по еден, а некаде се гледаат и заедно. Дел од нив се во постојана комуникација на своите телефони. Од говорот на телото може да се претпостави дека нешто чекаат. Дел и лично одат до вратите пред насилниот упад, дел се смирени и чекаат дел се растрчани.

Нивната улога во целиот настан кулминира кога ќе влезе масата. Дел од нив срдечно се поздравуваат со толпата, а дел им покажуваат со раце каде да одат. Снимките се без тон па не може да се чуе што комуницираат пред и по упадот. Од новите снимки јасно се гледа нивната улога во целиот инцидент. Крсто Мукоски и Сашо Василевски од ВМРО­ДПМНЕ уште веднаш беа посочени како пратениците кои ги отвориле вратите од Собранието со што директно овозможиле да се случат крвавите насилства.

Ги контактиравме пратениците да побараме нивен коментар. Мукоски тврди дека не ја отворил вратата иако не демантира дека бил во холот.
Сличен е и ставот на неговиот колега Василевски. На сниката се гледа и пратеникот Љубен Арнаудов, но тој тврди спасував жива глава. Ниту еден од овие пратеници не е посочен ниту од МВР ниту од Обвинителството и за нив не се води ниту предистражна ниту истражна постапка.