Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ: Мехмедовиќ манипулира за лековите со цел да дефокусира од Тиранската платофрма

ВМРО-ДПМНЕ: Мехмедовиќ манипулира за лековите со цел да дефокусира од Тиранската платофрма

Мехмедовиќ ја продолжува праксата на СДС, со манипулации и невистини во своите соопштенија и прес конференции да се обиде да ја дефокусира јавноста од темата за Тиранската Платформа, кои очигледно оваа партија во целост ја има прифатено, велат од ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на изјавата на членот на Комисијата за здравство на СДСМ, Злате Мехмедовиќ.

„Ниту една безочна лага не може да ги покрие фактите и бројките кои покажуваат колкава разлика е постигната во здравството во време на СДС и во време на ВМРО-ДПМНЕ. Но доколку СДС сака да зборуваме за оваа тема тогаш да ги погледнеме аргументите. Најголемата реформа за лекови која ја направи владата преводена од СДС е воведување на телефонски број за нарачка на лек на рецепт, па така граѓаните чекаа со недели да стигне лекот во некоја од градските аптеки, за граѓанинот кога ќе дојде во аптеката да му кажат не можеме да ти дадеме цело кутиче туку еве ти една лента“, велат од партијата.

„Оттука вон секој разум е СДС да држи прес конференции за лекови на рецепт, воедно СДС како по обичај лаже и се обидува со невистини и конструкции да ќари дневно политички поени. За нивна несреќа од бројките не се бега, па затоа следниве податоци ја демантираат нивната лага. Еве ги фактите: Владата на СДС во 2002 година одвојуваше само  1 милијарда денари кои биле искористени за 8 милиони рецепти, 2003 СДС одвојуваше 1.2 милијарди денари за 8.5 милиони рецепти, 2004 СДС одвојуваше 1.6 милијарди денари за 10 милиони рецепти 2005 СДС одвојуваше 1.4 милијарди денари за 9 милиони рецепти. Владата на ВМРО-ДПМНЕ за 2016 издвои 2.55 милијарди денари за 22.2 милиони рецепти, а за 2017 години 2.75 милијарди денари. Во 2005 година имаше договори со само 40 правни лица кои издаваа лекови на рецепт, сега се 776 аптеки низ цела држава. ВМРО-ДПМНЕ одвојува повеќе од двојно средства за лекови на рецепт во споредба со СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Достапноста на квалитетни лекови за сите осигуреници во Македонија е континуирана заложба Владата на ВМРО-ДПМНЕ и во 2016 година на граѓаните им овозможи поголема достапност на лекови, олеснување на начинот на добивање лек на товар на Фондот. Во 2016 година, бројката на лекови на товар на Фондот достигна 1210 лекови по заштитено име од различни производители, односно 427 генерики со фармацевтска дозажна форма и јачина од кои 75% се лекови за кои осигурениците не треба да плаќаат дополнителни средства, освен партиципација согласно законските прописи“, порачуваат од партијата.

„Овие лекови осигурениците ги подигнуваат со рецепт од матичен лекар, додека за некои од нив потребна е препорака од специјалист/субспецијалист. Осигурениците лековите во 2016 година можеа да ги подигнат во 776 аптеки на територија на цела Република Македонија, од кои 695 се аптеки, 72 аптекарски станици, 6 подвижни аптеки и 3 рурални аптеки. За таа намена, беше зголемен и буџетот за лекови кој во 2016 година беше 2, 55 милијарди денари, за разлика од 2015 година кога истиот изнесуваше 2,46 милијарди денари, а за 2017 година истиот е дополнително зголемен за 200 милиони денари“, додаваат од партијата.

„На доброто снабдување на осигурениците на Фондот со лекови на рецепт од примарната позитивна листа влијаат повеќе фактори како што се подобрата распространетост на аптеките и во руралните средини, распределбата на финансиските лимити т.н. квотите за аптеките, овозможувањето на издавање т.н. скапи лекови надвор од квотите, воведувањето на компаративната методологија за утврдување на референтните цени на лековите од позитивната листа со што многу цени на лекови беа намалени, пропишувачките навики на лекарите, но и структурата и потребите на населението“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„За комплетно декласирање на СДС говори и следниов факт, искористеноста на средствата наменети за лекови на рецепт-КВОТИ во месец јануари биле 98% на ниво на цела држава, февруари биле 97%, март 98%. Ова значи дека останале пари наменети за лекови на рецепт т.е. сите не биле искористени до крај од страна на аптеките. Лекови на рецепт во 2016 година подигнале 1,23 милиони осигуреници или 66,4% од вкупниот број на осигуреници“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Потрошувачката на лекови на рецепт на товар на Фондот преку аптеките бележи континуиран пораст во изминатите години. За споредба, ако во 2002 година за лекови се одвојувале 1,2 милијарди денари за 8 милиони рецепти, во 2008 година се одвојувале 1,3 милијарда денари за 10 милиони рецепти, од 01.09.2016 година ФЗОМ го зголеми буџетот за лекови на 2,55 милијарди што е двојно повеќе средства за лекови на рецепт на товар на Фондот. Број на реализирани рецепти во 2016 година бил 22.274.288“, додаваат од партијата.

„Зголемената потрошувачка на лекови на рецепт на товар на Фондот го следи и светскиот тренд за зголемена консумација/потрошувачка на лекови, што во периодот од 2008 година досега се гледа преку зголемените количини на обезбедени лекови за осигурениците и приближно двојно зголемените одвоени вкупни износи за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ. Во периодот од 2008 – 2016 година повеќе од двојно е зголемен бројот на количините/рецептите за лекови и двојно е зголемен износот за лекови на рецепт на товар на ФЗОМ“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

„Разликата на сегашната ситуација со таа од пред 10 години е огромна затоа што сега повеќе нема редици во аптеките, нема дефицит на лекови и осигурениците не ги плаќаат приватно лековите по повеќепати повисоки цени. СДС не може со лаги да ги прикрие фактите. СДС не може со лаги да ја дефокусира јавноста од разнебитувањето на државата кое е подготвено да го реализира. Со ваквите манипулации само ја потценува интелегенцијата на народот и дополнително ја револтира јавноста“, заклучуваат од партијата.