Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаВМРО-ДПМНЕ го осудува инцидентот во Куманово и го обвинува СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ го осудува инцидентот во Куманово и го обвинува СДСМ

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тоа што вчера се случи во Куманово е срамен и најдолен чин кој според нив најдобро доловува во каков очај е криминалното раководство на СДСМ и аболицираниот криминалец Зоран Заев.

Велат дека партиски функционер да нападне граѓанин само заради тоа што излегуваат на улиците и се спротивставуваат на Тиранската платформа и пазарењето со највисоките национални и државни интереси е чин за осуда и чин кој покажува колку СДСМ е отуѓена од граѓаните и не ги застапува нивните интереси.

„Претседател на Општинска Организација на СДСМ Куманово, физички нападна граѓанин кој протестираше во Куманово на протесниот марш на иницијативата „За заедничка Македонија“. Тој со погрдни зборови навредуваше човек кој сака да изрази револт, но истовремено го навреди и целиот македонскиот народ. Тоа што вчера функционер на СДСМ го направи е грозно. Очигледно расте нервозата на СДСМ од се поголемиот револт на граѓаните од Тиранската платформа. СДСМ наместо да се откаже од Тиранската платформа грчевито ја брани, како да е еден од потписниците на неа. СДСМ покажува дека е спремен да удри по сопствениот народ, само за да формира Влада врз темелите на Тиранската платформа, чии елементи значат редефинирање на државата. Паднаа маски. Граѓаните видоа дека СДСМ не се бори за слобода и демократија, туку дека има тоталитарен карактер. СДСМ се обидува насилно да спречи граѓаните да изразат оправдан револт, да изразат поддршка за унитарна и мултиетничка Македонија, и на крајот на краиштата да протестираат, што преставува уставно загарантирано и основно човеково право“ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ го осудува овој чин на насилство и бара надлежните институции да реагираат и да го санкционираат насилникот. Очекуваат и СДСМ да се одважат и да го осудат својот функционер, со што ќе покажат дека неговите навреди и напади се изолиран чин на поединец, а не генерална политика на СДСМ и криминалното раководство предводено од криминалецот Зоран Заев.