Monday, May 6, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈФудбалВест Хем донесе засилување од Бундеслигата

Вест Хем донесе засилување од Бундеслигата

Фудбалерот на Борусија Менхенгладбах Хавард Нордвајт од наредната сезона ќе го носи дресот на англискиот клуб Вест Хем, објави лондонскиот клуб. Вест Хем го доведува везистот од Норвешка како слободен фудбалер, бидејќи неговиот договор со германскиот клуб му истекува на 1 јули. Нордвајт, кој по потреба може да игра и како централен дефанзивец призна дека тренерот Славен Билиќ е една од главните причини поради која се одлучил на овој трансфер.

„Од секогаш сонував да играм во Премиер лигата и сега ми се пружи голема шанса да го остварам својот сон, со големо нетрпение чекам да заиграм за Вест Хем. Верувам дека ќе можам да му помогнам на тимот да оствари и подобри резултати од оваа сезона“, изјави Нордвајт откако стави потпис на петгодишен договор.

Нордвајт на тој начин се враќа во Лондон после шест години, каде беше член на Арсенал, но не одигра ниту еден официјален натпревар, бидејќи постојано одеше на позајмици. Во својата кариера уште настапуваше за Саламанка, Лилестрем и Нирнберг, пред да пристигне во Борусија Менхенгладбах во 2010 година и подоцна да стане еден од најдобрите фудбалери во овој клуб.