Saturday, May 4, 2024
HomeДЕНЕШНАСветЦрна статистика: Во сириските затвори починале околу 18.000 луѓе за четири години

Црна статистика: Во сириските затвори починале околу 18.000 луѓе за четири години

Од 2011 до 2015 година во сириските владини затвори починале приближно 18.000 лица, објави „Амнести интернешенел“, пренесе агенцијата „Фена“.

Во документот на оваа организација, под насловот „Крах на луѓето: Мачења, болести и смрт во сириските затвори“, се наоѓаат 65 интервјуа со преживеани жртви на тортурата, кои зборуваат за злоставувањата во затворите и притворските центри.

Групата за човекови права апелира до светската заедница да изврши притисок врз Дамаск за прекин на мачењата.

Сириската влада во континуитет ги негира овие наводи.

„Амнести интернешенел“ тврди дека повеќе од 17.723 лица починале во затворите низ Сирија, што во просек изнесува 10 лица дневно. Секој од затворениците при доаѓањето во затворот бил мачен и злоставуван во рамки на „забавата за добродојде“ која ја подготвувале чуварите. Жените биле сексуално искористувани.

– Кон нас се однесуваа како кон животни. Сакаа да ја уништат човечноста во нас. Видов крвта како тече како река. Никогаш не помислив дека човештвото може да се спушти на толку ниско ниво. Немаа проблем веднаш и да не убијат – изјави поранешниот затвореник Самир за „Амнести интенрененел“.

Вториот затвореник Зиад изјави дека седум лица починале кога вентилацијата во зградата на разузнавачката агенција престанала да работи.

– Потоа не удираа за да утврдат кој е жив, а кој починал – рече тој.

„Амнести интернешенел“ наведува дека владата со децении користи насилство против сите оние што имаат различно мислење или се противат на нејзината работа. Од тие причини таа апелира на што поитни разговори со САД и Русија, земјите кои помагаат во мировните преговори во Сирија.