Wednesday, Dec 13, 2017
HomeДЕНЕШНАПолитикаТалески се чувствувал „супериорно“ и потпишувал документи од притвор

Талески се чувствувал „супериорно“ и потпишувал документи од притвор

taleski-1

Немам сторено никакво кривично дело, не се чувствувам виновен и сметам дека не е коректно врз основа на еден телефонски разговор што го водат „некои двајца луѓе“ да се прават вакви конструкции. Ова денеска го изјави градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, првоосомничен во случајот „Транспортер“ по јавната седница во Апелацискиот суд, во врска со продолжувањето на куќниот притвор, пренесува Мета.

Тој на јавната седница пристигна со полициско возило шкода „јети“ со двајца полицајци, без лисици на рацете.

– Немаме сторено никаков кривичен прекршок и апсолутно се чувствуваме супериорно затоа што вистината е на наша страна. Јас сум убеден дека овие луѓе во Апелација ќе ја согледаат вистината и ќе донесат правилна мерка. Ценам дека сето ова почнува да добива еден расплет. Јас сум сигурен дека граѓаните ќе видат дека целата ситуација е наместена. Ќе повторам дека не може од еден телефонски разговор што го водат некои двајца луѓе за некој трет (Зоран Ставрески и Гордана Јанкулоска за Владимир Талески н.з.), овој третиот да биде обвинет дури и за кривичен прекршок – изјави Талески.

Градоначалникот одговарајќи на новинарско прашање потврди дека потпишува службени документи додека е во куќен притвор.

– За жал, многу пријатно се изненадија моите соработници затоа што СЈО уште еднаш дојде да провери дали градоначалникот потпишува. Се разбира дека потпишувам и освен мерката куќен притвор, јас немам ниту една друга забрана – рече Талески.

Адвокатот на Талески, Никола Додевски, во образложението на жалбата пред тричлениот совет на Апелацискиот суд истакна дека, продолжувањето на мерката притвор била донесена врз основа на предлог од СЈО кој не и бил презентиран на одбраната со што бил прекршен законот, Конвенцијата за заштита на човековите права и принципот за еднаквост на оружјата на странките во постапката. Тој посочи дека во предлогот не биле наведени ниту доказите, ниту истражните дејствија што треба да ги преземе СЈО, а врз основа на кои бара куќен притвор.

– Предлогот се заснова на наводи за апстрактна опасност од бегство, апстрактна опасност од повторување на делото и влијание на сведоци. Во предлогот е наведено само дека треба да се обезбедат докази, а не е наведено кои се тие докази. И што се случува во тие 60 дена колку Талески е во куќен притвор? Ништо! Човекот седи во притвор 60 дена, а СЈО не презема никакви дејствија. Овој предмет е типичен пример за нееднаквост во постапувањето и овој суд не треба да дозволи, ова обвинителство да се однесува како супер обвинителство – рече меѓу другото адвокатот Додевски.

Тој имаше забелешки и на сметањето на датумот од кога му почнал притворот на Талески и истакна дека има пет дена за кои нема законско покритие, а во кои Талески бил во притвор.

Обвинителот на СЈО, Трајче Пеливанов, во своето кратко излагање рече дека останува на предлогот за одредување на куќен притвор и на сите делови по кои е продолжена оваа мерка.

– Предлагам до судот да ја одбие жалбата на одбраната и да го потврди решението за куќен притвор – рече Пеливанов.

Тој додаде дека СЈО не само за овој, туку и за другите истражни и предистражни постапки кои ги води нема привилегирана положба и затоа апелира тоа да има ист третман како и другите институции во државата.

Куќниот притвор на Талески истекува за два дена, на 20 август.