Wednesday, Apr 24, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаЗавршни зборови за „Тврдина 2“ и ново рочиште за случајот „Транспортер“

Завршни зборови за „Тврдина 2“ и ново рочиште за случајот „Транспортер“

Специјалното јавно обвинителство и одбраната на обвинетите, денеска во Кривичниот суд во Скопје треба да ги изнесат завршните зборови во случајот „Тврдина 2“, во кој првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, заедно со шестмина вработени во УБК. Тие се товарат за уништување на документација поврзана со системите од незаконското прислушување, пишува Мета.

Со завршните зборови судењето за случајот „Тврдина 2“ е пред самиот крај, односно останува уште судот да ја соопшти пресудата.

На претходното рочиште, кое се одржа во четвртокот минатата недела, судијката Лидија Петровска одлучи да не ја чека екстрадицијата на Грујовски од Грција во Македонија и да му се суди во отсуство. Адвокатот Љупчо Шврговски најави жалба на ваквата одлука на судијката Петровска, а одбраната, како што рече тој, ќе се жали и на решението на Петровска да не им дозволи да докажат дека „предмет на уништување биле безмалку тривијални документи, како лекарски уверенија, потврди за поправка на возила, пристап до чекалната на УБК, решенија за годишни одмори…“, а не документи со највисок степен на класификација – државна тајна.

Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, по завршувањето на рочиштето, изјави оти е уверена дека судот ќе донесе осудителна пресуда за „Тврдина 2“.

– Целосно сме убедени дека судот ќе донесе осудителна пресуда, бидејќи има уверливи докази за тоа – изјави Ристоска.

Инаку, денеска во Кривичниот суд треба да се одржи рочиште за случајот „Транспортер“, во кој првообвинет е поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талески. Тој и уште дваесетина други обвинети се товарат за злоупотреби со превозот на ученици во Битола.

Претходното рочиште беше одложено бидејќи една од обвинетите не дојде во судот поради сообраќајна незгода.

Талески тогаш изјави дека постапката ќе ја истера докрај и ќе докаже дека во неговото работење немало криминал.

– Ако сме грешеле ние, тогаш грешеле сите општини во Македонија – изјави Талески по првото рочиште за случајот „Транспортер“.

Судија во „Транспортер“ е истата судијка од случајот „Тврдина 2“, Лидија Петровска.