Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСудијката за Диво Насеље до сега немала закани

Судијката за Диво Насеље до сега немала закани

По барање на Министерството за внатрешни работи денес во Основниот суд Скопје 1 нема да продолжи судењето за случајот Диво Насеље, јавува МКД. Судијката ги известила затворските служби во казнено-поправните установи каде што обвинетите се наоѓаат во притвор и тие не беа спроведени во судот, а известување за одложување на рочиштето било испратено и до адвокатите. Следното рочиште е закажано за 11 мај.

Откако кон предметот за Диво Насеље беше споена и постапката за случајот Молља, во обвинението се најдоа имињата на вкупно 37 лица обвинети за тероризам и терористичка организација. По спојување на постапките во Основниот суд Скопје 1 на 6 јуни, 2016 беше одржано првото рочиште за постапката. Од Основниот суд Скопје 1 соопштуваат дека до сега биле одржани повеќе од 50 рочиштето. Во текот на постапката своја одбрана пред судот дадоа 32 – ца обвинети, а петмина обвинети не го искористија правото да бидат сослушани. На рочиштето за изјаснување на вина на прашањето на судијката Верка Петковска, која ја води постапката, сите обвинети одговорија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела тероризам и терористичка организација. Поголем дел од обвинетите на судењата потврдија дека во Македонија влегле преку нелегални премини, по што облекувале униформи со знакот на УЧК и земале оружје пред да тргнат кон Куманово.

Од Основниот суд Скопје 1 на нашето прашање дали до сега судијката Верка Петковска која ја води постапката и им суди на обвинетите за најтежок вид на кривични дела за кои е предвидена и казна од доживотен затвор, имала закани во врска со предметот или имала потреба од обезбедување ни беше одговорено дека потреба од обезбедување поради закани, судијката Петковска до сега немала.

Од почеток на судската постапка обвинетите се спроведуваат со силно полициско обезбедување, а засилени се и безбедносните мерки во и околу комплексот судови во Скопје. Сите кои влегуваат во судницата детално се претресуваат од полицијата пред влез во судската сала.

Денес се навршуваат две години од оружената пресметка во кумановско Диво Насеље, која траеше два дена, а во која животот го загубија осум припадници на Министерството за внатрешни работи, додека четириесетина беа тешко повредени.

Во престрелките загинаа Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои минатата недела посмртно беа одликувани со „Медал за храброст“ за покажаната исклучителна храброст во одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет на Република Македонија од страна на претседателот Ѓорге Иванов. Во оружената престрелка покрај осумте припадници на полициските сили, беа убиени и 10 припадници на вооружената група.

Во нападите во кумановско Диво Насеље беа убиени и десет припадници на терористичката група.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал за постапката за случајот Диво Насеље велат дека остануваат на поднесеното обвинение за случајот за кои имаат цврсти докази.

„Во изминатиот период низ судската постапка беа изведени сите докази на обвинителството и беа сослушани сите обвинети лица. Во моментов се очекува доставување на докази кои се предложени од страна на одбраната и кои произлегоа во текот на судењето. Судот треба да оцени кои од дополнителните докази ќе ги прифати , а потоа ќе следи завршен збор. Предметот е обемен и обвинителството посветено го работеше и се уште постапува со него“, ни изјавија од обвинителството.