Friday, Apr 26, 2024
HomeФЕР ПЛЕЈАвтомобилизамСообраќаен тероризам со невини жртви

Сообраќаен тероризам со невини жртви

Нема поинаква квалификација за крвавиот асфалтен хаос на кој сме изложени. Кога гинат недолжни луѓе, тоа е тероризам! Болно звучи прашањето: дали нашето општество може да му се спротивстави на крвавиот пир на разбеснета група несовесни граѓани?

Во државава гинат луѓе на сите страни. Најчесто недолжни и без никаква своја вина. Бројот на повредени е неколкукратно поголем. Сите тие се жртви на невидлив но сеприсутен непријател. Поразвиените од нас го ословуваат како – сообраќај! Доволно е да се излезе од сопствениот дом за да веднаш бидете изложени на ризик по здравјето и животот.

Никој не е поштеден, од пешаци и велосипедисти се до возачи на моторни возила. Не се поштедени дури ни управувачите на земјоделска механизација. Црните хроники се преполни со извештаи од незгоди, … со човечки жртви. Потоа, семејства во тага, во миг им се менува животот, остануваат без најблизок член. Човечки трагедии. Ужас!

А како стигнавме до ова дереџе? Причини има безброј, тука лаичкото – абе треба “само“: високи казни / построга контрола / подобра обука / … не дава резултат. Нема “само“, потребен е систем. А тој се гради со години и се надоградува постојано. Ние тоа го немаме. Наместо тоа имаме “акции“.

А за тоа нé бива, не е важно дека најчесто се еднодневни и дека воглавно на надлежните им служат за сликање по медиуми. Дали ќе се сетиме некогаш да ги погледнеме ефектите од потрошените пари? Дали потоа се чувствуваме побезбедни? Дали со тоа ги снемува предизвикувачите на трагедии? Можеби е порационално и да не трошиме време на тие одговори. Ефектите ги гледаме секојдневно, поразителни се.

Значи грешиме во пристапот. Ни треба сеопфатен систем, кој ќе едуцира и превенира. Тоа значи подобро да спречиме дивjачко однесување отколку да го “обесиме“ сообраќајниот терорист. Ѓаволот е сокриен во фактот што изградбата на таков функционален сообраќаен систем се гради со години. А до тогаш потребно е да се преживее, нели! А тоа гледаме, се потешко ни успева.

Новиот состав на институцијата (РСБСП) задолжена за унапредување на сообраќајната безбедност, и покрај бројните активности, во никој случај не успева да воспостави баланс со поништените општествени вредности.

Зошто да не признаеме: ние сме општество со испревртен систем на вреднување на доброто и лошото. Силеџиското однесување на поедници најчесто не се казнува. Дури има примери кога тоа се прикрива, а тоа мора да признаеме, ги стимулира потенцијалните убијци.

Негативните рефлексии на тој општествен дух, се повеќе од видливи. Затоа не треба да не чуди: моторизирани поединци секојдневно демнат над нашите животи. Ерозијата на цивилизацискиот кодекс на однесување, е повеќе од очигледна. Тоа, во област како што е сообраќајот, е одраз на тешка болест на оштеството.

За очигледни работи дискутираат само будалите. За опасноста од сообраќаен тероризам, под итно треба да се сензибилизира целото општество. За почетокот можеби нема да биде на одмет, грубите прекршувања да се третираат како криминал од најтежок вид.

Во спротивно ќе мора да научиме да живееме соочени со страв при секое напуштање на домот. Секогаш постои и можноста да му се помолиме на севишниот да не сочува од милитантите кои сообраќајот го сфаќаат како бојно поле. Ако не им застанеме на патот, ќе се доведеме во ситуација да нема кој да ја плати цената. А тоа, се надеваме, никој не го посакува!

Колумната е објавена во autoinfo.mk