Monday, May 6, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСобрание: Потребни ли ни се пет потпретседатели?

Собрание: Потребни ли ни се пет потпретседатели?

Предвидено е избор на пет потпретседатели на македонскиот законодавен дом. За прв пат во историјата на македонската повеќепартиска демократија, е предвиден толкав број на заменици на првиот човек на Собранието, што за момент предизвика жестоки и негативни реакции во јавноста. Многумина се прашуваа(т), дали ова е само за задоволување на коалициските партнери  во новиот владен парламентарен состав, и дали навистина има потреба од толкав број на потпретседатели  на законодавниот дом, со оглед на тоа што тие земаат повисока плата од  еден  обичен пратеник.

Денеска на собраниската седница најпрво треба да се утврди бројот на потретседатели, а потоа и оставките на седумте пратеници – кандидати за министри, вклучително и кандидатот за премиер Зоран Заев и верификација на мандатот на новите пратеници, по што би следело и официјално доставување на предлогот за состав на владата до Собранието.

Според Деловникот „потпретседателите се избираат од редот на пратениците кои припаѓаат на различни политички партии застапени во Собранието“. Но, кои партии ќе имаат потпретседатели сѐ уште не е утврдено.

Меѓу другото, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, истакна дека нема да го менува предложениот состав за персонални решенија во министерските ресори кои ги пополнува  ДУИ,  и покрај превирањата внатре во самата партија, околу кадровските несогласувања со изборот на Бујар Османи, па и на Артан Груби.

Шпекулациите  одеа  дотаму,  што се поставуваше под знак прашање и изгласувањето на веќе договорената владина коалиција меѓу коалицијата „Можеме“ и  ДУИ+ДПА, т.е се поставува(ше) прашањето дали пратениците Изет Меџити, поранешниот градоначалник на Чаир, и Арбен Зибери, разрешениот директор на Институтот за јавно здравје, и внук на Насер Зибери, кандидат на ДУИ за премиер на последните парламентарни избори од 15 јули, ќе гласаат за овој состав на предложената влада. Без нивните 2 гласа, нема потребно парламентарно мнозинство од минимум 61 пратенички глас.