Monday, May 20, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСо маски, во големата купола и на дистанца новите пратеници го составија Собранието

Со маски, во големата купола и на дистанца новите пратеници го составија Собранието

Денеска, во 12:00 часот на пладне, започна конститутивната седница на 10-тиот парламентарен состав во историјата на повеќепартиска Македонија. Поради новонастанатата вонредна состојба предизвикана од Ковид-19 пандемијата на светско ниво, оваа сендица ќе се одржи во поинакви, вонредни околности, за разлика од претходните.

Пратениците на седницата ќе одлучуваат за: избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието на Република Северна Македонија, за верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија и за избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

„Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, Конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема. Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња)“, велат од Собранието.

Куриозитет на денот е информацијата дека на пратеникот Тимчо Муцински од редовите на коалицијата „Обнова за Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, не му било дозволено да го внесе својот електричен тротинет во собраниската зграда. Двајцата пратеници од новата парламентарна партија „Левица“, пред Собранието пристигнаа со велосипеди. Се очекува, точката на дневен ред за избор на претседател на парламентарниот дом да биде прекината, бидејќи, согласно последните информации, се уште не е создадено парламентарното мнозинство.

Овој пратенички состав е резултат од волјата на граѓаните од предвремените парламентарни избори кои се случија на 15 јули. На нив, коалицијата „ Можеме“ предводена од СДСМ и БЕСА освои 46 пратеници, коалицијата „ Обнова за Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои 44 пратеници, ДУИ 15, коалицијата „ Сега е време“, составена од Алијансата за Албанците и Алтернатива освоија 12 пратенички мандати, Левица 2 и ДПА 1.