Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСЈО покрена први обвиненија, извештајот готов, се бара и закон за заштитени сведоци

СЈО покрена први обвиненија, извештајот готов, се бара и закон за заштитени сведоци

Специјалното јавно обвинителство по повеќемесечната истрага ќе ги поднесе првите две обвиненија за случајот „Тврдина“ во кој има уништување на документација поврзана со опремата за прислушување во службите на МВР, како и за планираното насилство врз Андреј Жерновски, градоначалникот на општина Центар.

Двете обвиненија ќе се поднесат по скратена постапка до Основниот суд, a oд СЈО велат дека очекуваат осудителни пресуди.

– Првиот предмет е од огромно значење на мандат на СЈО. Се работи за уништување на документација поврзана со системите за прислушување. Преземајќи истражни дејствија за тоа кој и зошто неовластено прислушувал, Обвинителството прибави доказен материјал и за други кривични дела. Од доказите произлезе дека првообвинетитот незаконито формирал Комисија и 2 047 службени списи биле уништени.
Според доказите првообвинетитот во својство на началник од УБК издал усна наредба за годишно ништење на материјали, иако законските акти не дозволуваат обвинетиот да формира таква Комисија. Целта била да се уништат списите поврзани со работата на системите за следење на комуникациите. Целото ништење е направено спротивно на сите службени акти, и обвинетите лица без никаква процедура за ништење ги запалиле материјалите, изјави обвинителката Фатиме Фетаи.

Во вториот предмет, СЈО отвора обвинение по телефонски разговор содржан во прислушуваните материјали, а кој опозицијата го објави јавно. Првообвинетиот е дел од извршната власт.

– Разговорот е воден откако веќе била закажана седница на Советот на општина Центар. Произлезе сомнение за потикнување насилство. Ова јавно обвинителство презеде низа активности дали содржината на снимката има своја завршница.Поради наведените причини беа прибавени голем број видео записи, материјални докази, а беа испитани и 20 сведоци. Дел од сведоците побараа заштита, рече Фетаи.
Обвинението е поднесено против 14 лица за кривичното дело насилство од кои 5 лица се обвинети како поттикнувачи и за 9 лица како директни извршители на насилството.

– Од доказниот материјал произлезе дека во месец јуни првообвинетиот побарал, а второобвинетиот прифатил да извршат грубо насилство спрема градоначалникот на општина Центар. Анализите кои ги направи ова Обвинителство упатуваат на тоа дека мотивите на првообвинетиот за ова се чисто лукративни, за остварување на бизнис интересите на партискиот врв, рече Фетаи.

На денешната прес конференција обвинителките од СЈО побараа и нов Закон за заштитени сведоци со цел да навлезат во случаите за убиството на Мартин Нешковски и „Монструм“ кој се води за ликвидираните четири момчиња од Радишани и еден рибар од Црешево. Катица Јанева побара соодветните законски измени што побрзо да се донесат во Собранието на Република Македонија.

СЈО го подготви и вториот извештај за шестмесечното работење кој на увид ќе им биде доставен на пратениците.

Извор: novatv.mk