Wednesday, May 1, 2024
HomeДЕНЕШНАЕкономијаШтрајкуваат текстилни работнички во Пробиштип, „своеволно се одјавиле од работа“

Штрајкуваат текстилни работнички во Пробиштип, „своеволно се одјавиле од работа“

Работничкото незадоволство во Источна Македонија се шири од град во град – пренесува Цивил Денеска во Пробиштип работничките од текстилната фабрика „Мартекс“, штрајкуваа за своите заработени плати за февруари и март. Изминатите неколку дена работничките престанале со работа, во знак на протест за доцнењето на платите. Според зборовите на вработените, тие вчера биле избркани од фабриката од работодавачот!

„Вчера дојдоа и ни кажаа дека ако не работиме треба да ја напуштиме фабриката. Кога ги прашавме што е со парите кои ни ги должат, добивме одговор: За парите немам коментар“, изјави една од текстилните работнички за ЦИВИЛ Медиа.

Од фабриката, штрајкувач(к)ите се упатиле во Бирото за вработување, каде добиле одговор дека биле „своеволно одјавени уште на 31 март“.

„Зошто би работеле 11 дена во април, ако своеволно сме се одјавиле“, прашува соговорничката на ЦИВИЛ Медиа.

„Институциите се без слух за проблемите на работниците. Работодавачите во улога на богови врз нивните судбини. Плач, лелек, страв…, што ќе се случи со нив и со нивните семејства, останати без егзистенција, без своите заработени плати… Ќе проработат ли институциите, ќе ја утврдат ли лошата состајба, лошите услови, кршењето на човековите и работничките права, неисплаќањето на платите“ прашуваат од здружението „Тивко мнозинство – Гласно“ од Штип, кои ги поддржуваат текстилните и кожарските работници во борбата за нивните права.