Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАРепубликаШтипјанец 10 години живеел во шума откако го избркале синовите

Штипјанец 10 години живеел во шума откако го избркале синовите

Потресна приказна од Штип. 60-годишниот Штипјанец Тоше Лазаров, 10 години живеел во шума блиску до градот. Прво починала жената, потоа фирмата каде работел пропаднала, а кога добил мозочен удар, од него се откажале и синовите. Тоше откако си заминал од дома бил приморан да живее во една напушетена куќа во близина на Штип, пренесува ТВ Стар.

„Една деценија сум вака, без струја, без вода, без ништо. Некогаш по цела недела не сум јадел леб“ – кажа за ТВ Стар низ солзи Лазаров.

Она што Лазаров го преживеал овие 10 години го знаат малкумина:
– Целиот е рани. Неколкупати го напаѓаа животни. Кога можев му помагав, му носев храна – рече Орце Николовски, пријател на Лазаров.

Од денес за Лазаров доаѓаат подобри денови. Со интревенција на Црвениот крст и Општината, тој е сместен во соба во комплексот Света Недела:
– Му донесовме храна, лекарска помош, а ќе посредуваме и за негово натамошно лекување – рече Никола Камчев, Црвен Крст – Штип.

Наскоро Лазаров ќе добие и социјална заштита:
– Ги добивме податоците и истиот ќе биде внесен во системот на социјална заштита – вели Наталија Панова, директор на Центарот за Социјални работи – Штип.

Ова донекаде ќе ја ублажи физичката траума на Лазаров, но трагите на душата веројатно ќе болат цел живот. Отфрленоста и животот во дивина се нешто што тешко се преболува. Во комплексот Света Недела има десетина жители каде општината помага со храна и со плаќање на сметките за струја и вода.

Тенденција на општината и градоначалникот Илчо Захариев е комплетно да се уреди манастирскиот комплекс за да се обезеди повеќе место и за други луѓе кои имаат потреба од кров на глава, наведува „Старплус” на ТВ Стар.