Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСе предлага Обвинителството да ја контролира полицијата

Се предлага Обвинителството да ја контролира полицијата

Министерството за правда ја почна подготовката на пакетот измени во неколку закони со кои треба да се обезбеди надворешна независна контрола на работата на полицијата.

Според известувањето, објавено денеска, измените ќе се прават во Законите за јавно обвинителска служба, за јавно обвинителство, за Совет на јавни обвинители и во Кривичниот законик.

Подготвувањето на измените во четирите закони почнало вчера, а новите решенија треба да бидат готови до 24 ноември.

Контролата на работата на полицијата – редовната на Министерството за внатрешни работи и на затворската полиција, за која е надлежно Министерството за правда, според измените на законите, ќе ја врши Јавното обвинителство.

„Имплементација на надворешниот независен контролен механизам во нашето законодавство за припадниците на Министерството за внатрешни работи со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција. Еден од сегментите на овој механизам е воспоставување контрола од страна на јавното обвинителство. Значајна улога во рамките на овој механизам се планира да имаат истражителите во јавното обвинителство“, стои во образложението за целта на законските измени.

Новите законски решенија, како што се наведува, произлегуваат од стандардите пропишани во Европската конвенција за заштита на човековите права и од пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Инаку, според актуелните законски решенија, работата на полицијата и нејзиното постапување во рамките на законите го контролира и испитува Секторот за внатрешна контрола на МВР, што од експретската јавност беше оценето како недоволно и проблематично.