Saturday, Apr 27, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ на работен викенд во Шведска и Хрватска: Меѓународната јавност со поддршка за демократските процеси

СДСМ на работен викенд во Шведска и Хрватска: Меѓународната јавност со поддршка за демократските процеси

Претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска, Потпретседателот на СДСМ Дамјан Манчевски и пратеникот Љупчо Николовски остварија повеќе средби со битни фигури во политичкиот живот на Шведска и Хрватска, меѓу кои и со премиерот на Шведска, Стефан Лефвен, министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Волстром, како и со европратеникот Кнут Флекенштајн, потпретседател на Групата на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент и со европратеничката Тања Фајон, соопшти СДСМ.

Пратеникот Љупчо Николовски и претседателката на Комисијата за труд и социјална политика на СДСМ, Мила Царовска учествуваат на меѓународната парламентарна конференција којашто е посветена на перспективите на Југоисточна Европа и интеграциските процеси во Унијата, што се одржува во Цавтат, Хрватскa.

Притоа се сретнале со европратеникот Кнут Флекенштајн, потпретседател на Групата на социјалистите и демократите во Европскиот Парламент и со европратеничката Тања Фајон.

„Европратениците посочија дека очекуваат брз и мирен трансфер на власта во Македонија, деблокирање на Собранието, како и формирање на новата реформска Влада, којаштo ќе започне со спроведување на итните реформи во интерес на граѓаните“, се вели во соопштението на СДСМ.

На конференцијата присуствуваат претставници на 13 национални парламенти, како и претставници на Европскиот парламент.

Потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски, пак, е во работна посета на Кралството Шведска. Тој денеска се сретнал со премиерот на Шведска, Стефан Лефвен, со високи претставници на Социјалдемократската партија на Шведска, којашто е и владеачка партија во земјата, на коишто е изразена јасна поддршка на демократските процеси во Македонија, а на конгресот на Социјалдемократската партија на Шведска, Манчевски имал средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Маргот Волстром.
mancevski svedska
„Министерката Волстром пренесе очекување за деблокирање на Собранието во Македонија, избор на претседател и брзо формирање нова реформска Влада, во интерес на граѓаните и на Република Македонија“, се вели во соопштението на СДСМ.

Потпретседателот на СДСМ се сретнал и со Јенс Нилсон, пратеник во Европски парламент и со Бјорн фон Сидоф, пратеник во шведскиот Парламент, поранешен претседател на Парламентот и поранешен министер за одбрана.