Friday, May 3, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСДСМ: И меѓународната заедница го осудува неодговорното однесување на Груевски

СДСМ: И меѓународната заедница го осудува неодговорното однесување на Груевски

Неодговорното однесување на Никола Груевски и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои со денови си зборуваат сами со себе, доби осуда и од демократскиот свет, велат од СДСМ.

„На Груевски, преку резолуцијата усвоена од Европската народна партија, јасно му беше ставено на знаење дека нема толеранција за корумпирани политичари и за корупциски скандали. ЕПП ги осуди и провокациите и агресивното однесување кое претставува закана за мирот и за стабилноста и истовремено повика на воздржаност од етнички провокации. И германскиот Бундестаг упати порака до Груевски и до Иванов дека мора да се почитува парламентарното мнозинство и дека нови избори не се опција“, стои во соопштението на партијата.

Од СДСМ истакнуваат дека меѓународната заедница дава поддршка на огромното мнозинство од 700.000 граѓани кои гласаа за промени и ја очекуваат новата реформска влада.

„Секој ден изгубен во меѓусебни реплики на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ е ден без зголемена минимална плата на 12.000 денари, без евтина тарифа на струјата, без укината радиодифузна такса, без укинато екстерно тестирање и без решен статус на стечајните работници. Граѓаните и меѓународната заедница очекуваат веднаш да биде избран претседател на Собранието, за тој да го извести Ѓорге Иванов дека треба да му го даде мандатот на претседателот Зоран Заев и да биде формирана новата реформска влада“, велат од СДСМ.