Sunday, May 5, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСашо Лазаровски: Мицкоски да понесе одговорност за поразот

Сашо Лазаровски: Мицкоски да понесе одговорност за поразот

Со изјава во јавноста, излезе Сашо Лазаровски, поранешниот претседател на Општинскиот комитет на  ВМРО-ДПМНЕ  во Карпош, екс претседател на Советот на Општина Карпош,  и заменик-министер за локална самоуправа, како и поранешен генерален директор на Ј.П „Водовод и канализација“. Тој, заедно со своите поддржувачи и истомисленици од Карпош,  побара  одговорност и оставка од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, истакнувајќи дека се повеќе членови  на ОК на  ВМРО-ДПМНЕ –Карпош  се охрабруваат да побараат одговорност од лошите резултати на лидерот на партијата во изминатите изборни циклуси.

 

-Можевме и ние да молчиме.Можевме и ние да се преправаме, дека нема никаков проблем, и ни цветаат рози во партијата. Можеме да глумиме дека сме победиле, и да ловиме вештерки и предавници, само да го амнестираме раководството на Мицкоски, како најодговорно за поразите. Но во Карпош, тоа не се прави така. Вистината е дека во Карпош, освоивме мал број на гласови, скоро 5.000 помалку од претходните парламентарни  избори, истакна Лазаровски.

 

Поранешниот прв  човек на ВМРО-ДПМНЕ  во Карпош  понатаму потенцираше :„ Вистината е дека Мицкоски загуби во неговиот општински комитет. Вистината е дека Мицкоски загуби и во неговиот месен комитет, и на неговото избирачко место. Миицкоски загуби меѓу граѓаните, кои најдобро го познаваат. За овие порази, вината не треба и не смее да се бара меѓу членовите, активистите и месните комитети, како што слушаме дека повторно се обидуваат да манипулираат. Вината за изборниот пораз има точно име, презиме и адреса, тоа е Христијан Мицкоски и неговото потесно раководство“.

 

Од страна на ОК на ВМРО-ДПМНЕ стигна експресно соопштение-реакција во кое се вели:

 

„ВМРО-ДПМНЕ ОК Карпош одржа седница на Општинскиот комитет во проширен состав на која беа присутни и Претседателите на МК, Претседателот на УМС, Претседателката на УЖ, Претседателите на комисиите при ОК Карпош како и членовите на Централниот Комитет кои произлегуваат од ОК Карпош.

Се дискутираше и за иницијативата за вонреден конгрес за која дознавме од медиумите.

Иако на поширокото членство уште пред изборите им е јасно за целите и мотивите на нивните настапи, како промотори на разно разни концепти, а освоија само 200 гласа, денес се претставници и содружници на МК Мериот и хотелската коалиција“.

Исто така во соопштението е нагласено дека ОК на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош во иднина ќе се бори против „штетните и криминални политики на Зоран Заев, а не да одработува за него, како што прават иницијаторите за вонреден конгрес во партијата“.