Friday, Apr 26, 2024
HomeДЕНЕШНАПолитикаСамо две забелешки за стратегијата за бегалците стигнале до МТСП, но не и од ВМРО-ДПМНЕ

Само две забелешки за стратегијата за бегалците стигнале до МТСП, но не и од ВМРО-ДПМНЕ

Само две забелешки стигнале во Министерството за труд и социјална политика денеска, на последниот ден кога организациите или граѓаните може да даваат предлози или забелешки за нацрт-стратегијата за интеграција на бегалци и на странци 2017-2027 година и за предложениот национален акциски план за интеграција на бегалци 2017-2027 година.

До вчера немаше стигнато ниту една реакција, иако уште пред 18 дена, кога Министерството ги објави нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, објави и специјален формулар на кој може да се запишат забелешките или предлозите.

Како што информираа за „Мета“ од Министерството, едната реакција е на назначениот формулар, а е со прецизни и конструктивни предлози. Таа е на Центарот за истражување и креираање политики. Втората реакција, пак, била писмо од градоначалникот на општина Гази Баба, во која тој изнел критики за предлог-стратегијата.

Реакцијата е минимална, иако во медиумите и во јавноста, особено на социјалните мрежи интензивно се критикуваа двата документи, како намера земјата „да се наполни со мигранти и да им се обезбедат живеалишта, работни места и државјанства“.

Министерството за труд и социјална политика вчера се огласи со реакција против, како што рекоа, лажните вести и порача дека нема да се градат кампови за бегалци, нема да им се даваат државјанства и дека Македонија е држава која е транзитна станица на бегалците. Нагласи дека документот нема обврзувачко дејство.

Акцискиот план предвидува, почнувајќи од годинава да се зголеми обемот на социјални станови достапни за сместување за бегалците и да се бараат алтернативни модели. Меѓу другото, се предвидува годинава да се идентификуваат и да се обезбедат парцели на државно земјиште на располагање за инвестирање во социјални станови, при што се очекува „барем 100 единици – локации да станат достапни“.

Според нацрт-стратегијата и акцискиот нацрт-план, за бегалците треба да се обезбедат домови, образование, вработување, интеграција и стекнување државјанство.